Виолета АЧКОВСКА: Заедничка историја?!

Заедничка историја имаат повеќето народи во светот, оние кои со векови живееле во исти империи (старата Македонска држава, Римската империја, Источното римско царство, Османлиската империја итн.) Но, сепак, иако плаќале исти даноци и биле управувани од исти режими, секој се разликувал со својата специфичност, традиции, обичаи и токму затоа бил различно идентификуван од другиот, си имал свој поинаков идентитет. И тој различен идентитет на одреден народ кој живеел на една определена територија, зборувал свој јазик, имал заедничко минатото и колективно паметење, во ерата на брзиот индустриски развој на Европа ги создава националните држави и нациите. Од другата страна, некогашното „заедничко“ минато им дава повод да бараат заграбување на територии, природни ресурси и културно наследство на други народи и држави. Ваквите освојувачки планови ќе дојдат до израз во втората половина на 19 и особено во 20 век. Втората светска војна, пак, е најтрагичниот израз на една голема фикција – една држава, една идеологија и еден водач да владеат со светот. Преголемата цена која ја плати човештвото и особено Европа, беше причина антифашизмот со децении да биде основа на европскиот идентитет. Со падот на Берлинскиот зид 1989, и антикомунизмот стана дел од таа матрица. Тоа, од своја страна, доведе до рехабилитација на многу фашистички идеолози и злосторници, кои беа прогласени за „жртви“ на комунизмот. Вечните соперници на европскиот континент, Франција и Германија, врз основа на билатерално почитување на идентитетот, јазикот и традициите, направија извесни отстапки во презентација на историјата, во името на добрососедството. Притоа, се отиде подалеку, па Денот на победата над фашизмот (9 мај) се прогласи за Ден на Европа, со што до крај се релативизираа злоделата на фашизмот. Во овие рамки беа и 7-8 годишните инсистирања на европската бирократија за склучување Договор за добрососедство на Македонија со Бугарија. Убав европски манир, односно светкав целофан, во кој го најдовме завиткано јајцето на уште еден геноцид. Договорот за добрососедство во практиката се потпиша како Диктат за бришење на посебноста на Македонците во однос на Бугарите, а е докомплетиран со Диктатот од Елада и ферманот за двојазичноста. Без свое име, историја, јазик, нема ни посебен народ, ниту пак тој има право на своја држава. Смрт на фашизмот-слобода на народот. Македонија вечна!