Алијансата за Албанците и Алтернатива се за одржување на предвремените парламентарни избори на 26 јули, со ваков став на денешната лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски настапиле претседателите на партиите, Зијадин Села и Африм Гаши.
Како што изјави Африм Гаши по средбата, ставовите на македонските партии биле далечни. Владејачката партија била за избори во јуни, а опозициската за почетокот на септември и на средбата воопшто немало доближување на ставовите меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
-Се надевам дека во наредните денови ќе имаме средби за да определиме некој датум за избори со консензус. Треба да имаме предвид дека државата треба да има институции, но и на денот на изборите да не биде ставено во опасност здравјето на граѓаните. Имаше едно толкување дека по завршувањето на вонредната состојба течат роковите за избори и на крај на јуни треба да има предвремени парламентарни избори, но ние мислиме дека тоа не е добро ни за граѓаните ни за нивното здравје. Исто така, не е добро бидејќи треба да се постигне договор за избори со консензус, рече Гаши.
Зијадин Села посочи дека Комисијата за заразни болести истакнала дека ситуацијата со пандемијата се подобрува, но оти постои висока опасност за здравјето на граѓаните. ДИК, пак, посочил дека не може да ги спроведе изборите во рок од 22 дена по завршувањето на вонредната состојба, а ОБСЕ и ОДИХР потенцирале дека тие можат да учествувват со набљудувачи на изборите, но прво треба да се определи датумот при што треба да се имаат во предвид здравствените протоколи и протоколите за границите.
-Токму затоа нашиот предлог за одржување на изборите е 26 јули зашто ќе биде период на прогласување на победата над коронавирусот и ќе биде помалку ризично за граѓаните, а ќе бидат отворени и границите и ќе има можност за присуство на меѓународна наблудувачка мисија на изборите. Воедно ДИК ќе има можност да ги изготви списоците за граѓаните кои во тој момент наполниле 18 години да имаат право да изберат и да бидат избрани, рече Села и ги повика сите политички партии да постигнат консензус.
Ги прашав претседателот на државата и на Владата, потенцира тој, дали се сигурни дека после 30 мај нема да има нова вонредна состојба и тие не беа сигурни.
-Не треба хипотетички да одредиме датум за избори без тие што се најповикани да кажат и да знаат дали ќе има или ќе нема вонредна состојба. Им дадов предлог доколку не знаат, да се сретнеме и како лидери на политичките партии во моментот кога ќе знаат и тогаш да зборуваме за избори, рече Села.
Нагласи дека за тајмнигот на новата лидерска средба ќе ги информира претседателот Пендаровски и потенцира дека политички се толкуваат сите законски рокови за одржување на изборите и во зависност од политичката припадност се толкуваат и одлуките.