Наќе ЧУЛЕВ

-Владата од една страна секојдневно ме обвинува дека сум виновен за нејзините неуспеси поврзани со ширење на коронавирусот, а од друга страна и во ваква состојба Оливер Спасовски и неговите послушници во Министерството за внатрешни не успеваат да се издигнат над партиските интереси, а со цел заштита на здравјето и животот на граѓаните, реагира министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

– Имено, во услови на пандемија и прогласена вонредна состојба Владата со заклучок го задолжува Министерството за внатрешни работи да ги стопира огласите со кои се пополнуваат дел од испразнетите работни места. Политиката и партиските интереси повторно се поважни од здравјето и животот на граѓаните, а со ова Владата предводена од Оливер Спасовски уште еднаш го потврдува тоа.

– И покрај фактот што ДКСК и Управниот суд донесоа одлука и пресуда со која се поништи одлуката на владата за поништување на решенија за распоредување донесени од моја страна и ја потврдија законитоста на моето постапување, владата и понатаму продолжува спротивно на законот да се меша во работењето на министерството за внатрешни работи и да го опструира нормалното функционирање, со што крајно негативно влијае врз неговата ефикасност.

– Би сакал да потенцирам дека согласно законот за организација и работа на органите на државната управа со министерствата раководи министер и од тие причини ваквата постапка на владата претставува грубо мешање во работата на Министерството за внатрешни работи. И покрај ваквите непринципиелни и незаконски притисоци и понатаму ќе постапувам во согласност со законите и штитејќи го интересот на граѓаните.

– Во интерес на законите потребно е вработените на Министерството за внатрешни работи да постапуваат исклучиво во согласност со позитивните законски прописи. Апелирам на доследно и целосно почитување на овој неопходен принцип при секојдневното управување, раководење и извршување на работните задачи.