Со заедничка одлука на Министерствата за цивилна заштита, за здравство и за миграциска политика на Грција, бегалскиот камп во близина на градот Кукуш, до 17 јуни е во карантин и е ограничено движењето на бегалците и мигрантите што се сместени таму, соопштија од Министерството за миграција и азил на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Дополнително не се објаснети причините, меѓутоа според грчките медиуми, во изминатите денови бил регистриран позитивен случај на Ковид-19 кај бремена жена, која престојува во кампот.
Од надлежното Министерство, соопштија и дека до 21 јуни 2020 година се продолжуваат мерките за спречување на ширењето на новиот коронавирус во три други бегалски кампови како и во центрите за прием и регистрација на бегалци и мигранти што се наоѓаат на островите.