Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната прес-конфернеција порача дека партијата нема да оди на предвремените парламентарни избори ако тие се одржат на 5 јули, или на предложениот 8 јули, а прва можа дата е средината на јули.
Тој го повика претседателот Стево Пендаровски да ја продолжи вонредната состојба, нагласувајќи дека партијата има два услова да учествува на изборите – подготовка на протоколи за заштита на здравјето на граѓаните и услови за фер и демократски инклузивни избори.
Нагласи дека еден ден откако во земјата ќе стигне Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР може да почне кампањата..
-Имаш време денес до крајот на денот да ја продолжиш вонредната состојба. За зошто да ја продолжи вонредната состојба? Затоа што ВМРО-ДПМНЕ има два услови, а тоа е најпрви да изработиме протоколи со коишто ќе го заштитиме здравјето на граѓаните. Знам дека и тебе ти е тоа приоритет. Од ова кратко време колку што имав можност да те запознаам г. Стево Пендаровски знам дека и тебе ти е тоа приоритет – да изработиме протоколи со коишто ќе го заштитиме здравјето на граѓаните и втората работа, да имаме фер и демократски инклузивни избори во оваа држава Што значи тоа? Тоа значи дека првиот ден кога мисијата набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР ќе бидат во Македонија веднаш по одржаната нивна прес-конференција следниот ден нека биде првиот ден од нашата кампања и од тој прв ден да го утврдиме датумот кога ќе бидат одржани овие избори. Според сегашната ситуација она кое што ние како ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ го антиципираме првата возможна дата е средината на месец јули, рече Мицковски.
Тој упати порака и до раководство на СДСМ и Зоран Заев да не прават притисоци ниту во ДИК, ниту кај граѓаните.
-Ќе ве победиме кога и да се случат тие избори, ќе ве победиме. Одважете се уште од сега и престанете да го втурнувате народот во една ситуацијата во која што наместо да нудиме проекти ќе ги броиме бројот на новозаразените и луѓето коишто за жал ќе го загубат животот. А, јас, ви ветувам дека после дебаклот којшто ќе ви се случи кога и да се одржат тие избори ќе имате право на невиност, на пресумпција на невиност, но одговорноста нема да ви бега, рече Мицкоски.
Синоќа на полноќ заврши вонредната состојба, а откако лидерите на двете најголеми партии во државата владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ – Зоран Заев и Христијан Мицкоски завчера во Вила Водно не постигнаа договор за датумот за изборите, продолжуваат да течат изборните дејствија за избори на 5 јули. Кампањата, пак, ќе започне на 16 јуни.