Заводот за вработување на Словенија за само една недела на 650 лица кои изгубија работа поради епидемијата на коронавирусот им исплати финансиски кризен додаток од 514 евра, јави дописникот на МИА од Љубљана.

За помошта досега аплицира 1.930 лица, а прифатени биле над 80 отсто информираат од заводот.

Оваа помош е дел од првиот таканаречен „анти-корона“ закон, кој беше донесен на почетокот на април. Тој предвидува сите оние кои поради епидемијата, односно после 13 март ги загубиле работните места да можат да добијат неповратна финансиска помош од државата.

Словенечката економија трпи големи последици од пандемијата, а една од главните причини за тоа според познавачите е што таа е прилично извозно ориентирана. Според предвидувањето на државната Банка на Словенија, оваа година економијата ќе биде во минус, а раст се предвидува веќе за следната 2021.