Франција ја доби помошта од Германија за третман на пациенти во своите клиники и оваа понуда Германија ја дава на сите земји членки на НАТО. Таква понуда доби и нашата земја рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска по денешниот состанок на министрите за одбрана на НАТО, што се одржа преку видеоврска.
-Македонија побара помош за справување со коронавирусот, а Германија понуди опција македонски пациенти со ковид-19 да се лекуваат во нивни болници, рече Шекеринска.
Таа исто така соопшти дека на состанокот бил донесен оперативниот план на алијансата за координирана акција во справување со пандемијата на коронавирусот.
-НАТО создава заеднички фонд кој ќе ги покрие итните потреби на земјите членки и фонд што ќе се користи за набавка и обезбедување медицинска опрема, но и транспорт на опремата, на пациентите и на здравствените работници. Се договоривме во рамките на алијансата да се создаде резерва од медицинска опрема. Секогаш 30 сојузници се помоќни од една земја членка и затоа можеме да излеземе како победници и како сојуз и од оваа глобална криза, рече Шекеринска.