Од лично искуство, и со конкретни примери:

Како „шарената револуција“ стана „штавена револуција“? (1)

„Не ме барајте више за протести – уморна сум, прегорена, разочарана!

Блаже МИНЕВСКИ“ 

По четири години „историја“ шарените револуционери сфатија дека учествувале  во  „антиисторија“, односно во уништување на македонскиот етнички, политички и културен идентитет. Во оваа прилика нема да ги набројувам предавствата што подоцна во нивно име ги изврши квислиншката власт, која без победа на парламентарните избори во 2016 година беше инсталирана во антимакедонскиот проект смислен надвор од Македонија. Црниот список на злодела е веќе јавно познат. Во сите нормални земји за такви работи се оди на долгогодишна робија. Деновиве слушам и читам дека  оние што ги вандализираа спомениците, – слично како во САД минатата недела за што таму по брза постапка веќе се осудени на десетгодишни затворски казни, – биле разочарани од ова што се случува, заправо од резултатите на нивната „животна“ револуција. Една од нив меѓудругото изјави дека се бореле демек за слобода и правда: „ Бутнавме власт и добивме нова а  новата не е ни приближно добра како што се надевавме… Не ме барајте више за протести. Уморна сум, прегорена, разочарана“. Всушност, голем дел од нив се чувствуваат како односната но сѐ уште дремат во глувчеви дупки, чекајќи мачорот да се сврти на другата страна. Во таа група се и дел од оние „милозвучни срценца“ кои по моите своевремено јавно искажани ставови за предавничката улога на хулиганската револуција, гласно бараа од мене да се огради Друштвото на писатели на Македонија и македонскиот ПЕН-цетар а една збунета личност напиша  дури и студија со наслов  „Што се случува со авторот“, мислејќи дека јас не знам што пишувам и дека не ја сфаќам суштината на револуцијата. Е па драги, штавени пишман аџии, драго ми е што сега видовте, особено по пресудата на таа што ја носевте на маиците, дека не само што сум бил во право, односно дека тоа не беше никаква револуција ами фашистичка хајка со цел да се заврши сето ова што се  заврши – уништување на македонскиот идентитет со користење на коси цртички наместо националност и повикување на уставна одредба наместо македонски јазик, туку дека ќе бидете еднократно искористени како гумичка од латекс! Инаку, факт е, со ваша помош беше извршен предавничко-рекетарски геноцид, а оние што го извршија наместо фер судење бараат нов мандат. Добро, прифаќам дека сте биле изманипулирани така што ви било ветено дека во базенот во кој скокавте главечки еден ден ќе ви пуштат вода! Ако бидете докрај лојални, се разбира! Во меѓувреме, додека ја чекавте водата, уживавте во смрдеата на сопственото распаѓање! Во секој случај, милост во име историјата, и она што ѝ го направивте на Македонија, нема да има за никого!

Всушност, трагите што останаа зад вас не можат да се избришат.

А тоа може да го сведочам од лично искуство, и со конкретнии примери.

Еве што напишаа некои од нив за мене како новинар и  писател.

Во интервју за Радио Слободна Европа од 22 мај 2016 година, еден млад творец што се занимава со токсичните цветови на деликатниот морал, меѓудругото кажа: „ Сметам дека, за разлика од другите области од уметноста, писателите се некако поотворени кон слободата, иако има и такви, како што имавме пример со еден писател кој напиша едно негативно писмо кон сите нас кои секојдневно протестираме. Сепак, сè повеќе млади луѓе се активни на протестите и тоа е она што ме радува.“ Што те радува, пријателче, тело во кое треба да се живее? Теророт на Робеспјер или смртта на Дантон? Магаре или змија? Што добивте од тоа што марширавте за Северџанија а  ја продадовте Македонија? Дали протестиравте за „јазик според уставот“, за Гоце Делчев како борец против слободата, за двојазичност во цела  држава, за укинување на сите македонски национални институции и замена со некакви културни установи на етнос што се опишува со три коси цртички, или можеби протестиравте за извесни ташни со извесна содржина и позната дестинација? Што те радуваше?  И дали уште се радуваш? А знам дека Северџанија како име не ти пречи па дури и некаква делегирана награда доби како претставик на таа земја!

Под наслов „Предавството на писателот“, текст објавен на 15 јуни 2016 година во некојси „Слободен печат“, анонимен копрофаг го напиша следново: „Режимот – читај: злосторничкото здружение на власт и неговите платеници, поддржувачи и обожаватели – деноноќно, 24/7 произведува спинови, шири лаги за тоа кој, како и зошто ја смислил и ја спроведува Шарената револуција, апси, суди, толерира најдолни можни манипулации и навреди. Кога мафијата ја има под свое државата може и мора да се очекува сè друго, освен логика, етика, разум и почитување (барем елементарно) на какви било стандарди. Но, вистинско мерило за тоа до каде може да оди лудилото во одбрана на актуелната криминална власт не е безумието на „аналитичарите“, туку подлоста и писменоста на тие што се издаваат како писатели. Како Блаже Миневски, на пример. Текстот за случувањата „пред повеќе од еден век“ („Македонец кому Грците му направија споменик“, „Дневник“, сабота, 11 јуни), Миневски така го осовременил, што го свел да изгледа на лош повод за да ги „опише“ случувањата од пред еден ден. За таа цел, предавникот го нарекува „шарениот Коте“, открива дека Ѓорѓи Сугарев бил предаден од „шарени револуционери“, а предавството го направил Лигушев со помош на „чадорот“ од странство… Владетелот ќе биде задоволен – би требало! – од ваквата креативност (сечено-лепено) на писателот… “

Која будалетинка го напиша и не го потпиша ова, не знам. Може да се јави барем сега, четири години подоцна, за да му дадеме орден за  копрофагиски заслуги со чушковидни муртински зраци! Верувам дека ќе го прими без   ропотење, како што очигледно примал и други признанија одзади и однапред, мислам порано и подоцна.