Велика Британија е меѓу најтешко погодените земји во групата Г7, според анализата на Би-Би-Си по првиот бран на пандемија на коронавирус.
Анализата покажа дека Англија поминала најлошо во цела Европа, дури и полошо од Шпанија. Истражувањето направи споредба на период од 11 недели за секоја земја-членка на групата Г7, додека пандемијата беше на врвот. Исто така, при анализирање на смртни случаи од коронавирус Велика Британија помина најлошо, полошо дури и од САД, Германија, Франција, Италија, Канада и Јапонија.
Според сите три мерени фактори на земјите од Г7 – регистрирани смртни случаи од Ковид-19 на 100.000 луѓе, вишок смртни случаи на 100.000 луѓе и вишок смртни случаи во однос на вообичаеното ниво на смртни случаи – Велика Британија беше најтешко погодена. Од земјите на Г7, Германија, Канада и Јапонија имаа релативно ниска смртност од коронавирус.
Велика Британија забележа 65 смртни случаи од Ковид-19 на 100.000 луѓе во споредба со 58 во Италија, 44 во Франција и 38 во САД.
Користејќи ја статистиката за „вишок смртни случаи“, бројот на смртни случаи над просекот на 100. 000 население, во Велика Британија е 97 повеќе починати од просекот, во Италија 75, потоа следи Франција, веднаш пред САД. Канада, Германија и Јапонија имаат релативно мал број „вишок смртни случаи“.
Процентот на вишок смртни случаи споредено со вообичаени смртни случаи кои помагаат да се пресметаат старосните разлики во популацијата покажува дека Велика Британија имала 52 отсто, Италија 35 отсто и Франција 24 проценти пред САД.
Сите методи ја прикажуваат главно истата слика – Велика Британија е најтешко погодена, иако бројките за САД би можеле да се променат кога случаите почнуваат повторно да растат.