Од лично искуство, и со конкретни примери:
Како „шарената револуција“ стана „штавена револуција“? (3)
За толчникот на власта и шипакот на револуцијата!
Пишува: Блаже МИНЕВСКИ
На 22 мај 2016 со отворен текст против мене се јави една мрморлива личност без сенка, која не живее во Македонија но многу сака сите во Македонија да знаат за нејзините „белосветски успеси“, па затоа со вознес на самобендисана величина праќа автосервисни информации оддалеку за да паднат од воодушевување сите во нејзината родна земја од нејзиниот огромен успех во светот. Денес, четири години подоцна, прашувам: Каде се сега нејзините „слободољубиви Македонци“, или „Словенци со македонско потекло“, да дадат „осврт“ на значењето и важноста на „Шарената револуција“. Што ќе ѝ каже, на пример, на „другарката“ од барикадите која вели дека бутнале власт и добиле нова а „ новата не е ни приближно добра како што се надевавме“, додавајќи да не ја бараат „више за протести“ затоа што е „уморна, прегорена, разочарана“. Бидејќи посочената личност нема ни образ ни лице, па кај неа веројатно нема ни што да се штави, а тоа значи дека таа никогаш нема да се извини за „штетата што ѝ ја направија на Македонија“, ќе го цитирам само уште крајот на нејзиниот тогашен текст за да остане забележано засекогаш со какви луѓе си имаше и си има работа татковинава: „На протестот на 21 мај во паркот ’Тиволи’ во Љубљана се чувствуваше нашата солидарност со пријателите и блиските во Македонија, директно изложени на толчникот на власта, ( Што се случува сега со рекетот во форма на толчник со молозвучно срце, платеничке на позицијата? Зошто твоите книшки во изминативе две-три години ги поддржаа со трипати поголема сума од моите? Кој беше критериумот ти да добиеш да речеме 3000 а јас само 700 евра поддршка, недоволни ни за печатење? А јас плаќам данок овде. Каде плаќаш ти?), толчник од кој ние на некој начин се спасивме, но не можеме да го заборавиме, ниту да го игнорираме. Поетесата и преведувачка Драгана Ефтимова, на едномесечен книжевен престој во Љубљана, протестираше исто како да е во Скопје: од судбината не може да се побегне. Ги гледав сите тие млади луѓе, претежно студенти на љубљанските факултети, кои не ни помислуваат да се вратат во Македонија, и кои би биле најсреќни кога би можеле да ги повлечат и своите семејства во Словенија; свесна дека Македонија неповратно се празни. А виновниците ни се познати на сите. ( Кои се? Заев со сите скандали? Шеќеринска? Спасовски? Филипче? Димитров со наша, државна стипендијата за неговата ќерка во Холандија? Рашковски со „Шик Јелак“? Ден Дончев со торбичето? ) Баш ме интересира со каков став ќе излезе македонската амбасада во Словенија по протестот во Љубљана. Лани нѐ нарекоа платеници на опозицијата.(Со право!)Најверојатно така ќе биде и годинава. Но и за нив важи пораката: Нема правда, нема мир.“
Да, токму тоа – нема правда, нема мир. Но за кого, и кога, ако се знае дека репер за правда беше експертката за смокви, табуретки и шарени снопчиња, а синоним за мир да се обезличи македонскиот народ, да се уништи Македонија! Ако односната е некаков демократ за каков се претставуваше, барајќи да бидам исклучен (ограден) од сите книжевни асоцијации поради јавно искажан став, претпоставувам дека истиот текст во најмала рака би го објавила и сега за сегашната власт, и дека би кажала оти се срами од Зоран Заев и од Стево Пандаровски како што се срамела тогаш од Груевски и од претседателот Иванов. Или кога се нејзините на власт – сѐ е правда, сѐ е мир, а кога се во опозиција – нема правда, нема мир!
Дури и кога за искубана коса се добиваат четири а за убиено момче само три години затвор!
Што се однесува пак до таканаречениот делегиран книжевниот успех – ќе појасниме со примерот на Европската награда за книжевност, која не е награда туку проект за поддршка со партиципација што ја добиваат делегирани автори од секоја земја учесник во проектот. Домашно жири, избрано по потреба, одлучува кој ќе ја добие наградата и својот избор го праќа во централата во Брисел. Потоа, по делегатски принцип, по клуч, наградата ја добиваат сите предложени два-тринаесет автори од исто толку европски земји. Би сакал патем да кажам збор-два и за таканаречниот книжевен успех третиран во естраден контекст. Имено, во книжевноста не е успех информацијата за она што го пишуваш туку само она што е напишано. Никакви наши мажи, фарбани чевли, тајни камери, одброени жени или слични записи не се книжевно релевантни ако немаат своја автентична, национална препознатливост. Може колку сакате да скокате главечки во глобалната книжевна матрица за да фатите место во доминантниот тек на реката, првиот бран ќе ве исфрли во канализација. Да не должам многу, нема книжевност без релевантна национална книжевна тема. Нема релевантен светски автор кој постигнал успех, пишувајќи за „светски“, туѓи теми! Ни Толстој, ни Достоевски, ни Ман, ни Фокнер, ни Флобер, ни Иго, ни Маркес, ни Уелбек, ни Памук не пишуваат за она што им се случува на другите, срамувајќи се од своите домашни, изворни теми. Нема ни македонски автор кој би останал да трае, пишувајќи да речеме за љубовниот живот во Петроград или за витражите во Богородичната црква во Париз. Ни Стале Попов, ни Живко Чинго, ни Петре М. Андреевски, ни Ташко Георгиевски не пишувале за она што сакале другите туку за она што го чувствувале како своја, автентична тема што извира од својот, сопствен народ. Затоа не фалете се со тоа што вие го правите за своите дела; оставете вашите дела да ве фалат вас! Според тоа, почитувани македонски читатели, секоја автоинформација за нечиј успех во странство примајте ја со резерва или барем како спореден податок за вашиот став кон одреден автор или авторка. Добро, за тоа во оваа прилика – толку.