Бројот на случаи на коронавирус во Латинска Америка денеска, по првпат го надмина вкупниот број на инфекции во САД и Канада, како резултат на зголемувањето на инфекциите во Бразил, Мексико, Перу, Колумбија и Аргентина, покажуваат податоците.
Брзорастечкиот број случаи ја прави Латинска Америка регион кој е најпогоден од глобалната пандемија, со 26,83 проценти од светскиот број случаи.
Латинска Америка сега има вкупно 4.327.160 случаи на новиот коронавирус, споредено со 4.308.495 инфекции во САД и Канада, врз основа на податоците дадени од националните влади.
САД и натаму се државата со најголем број инфекции и смртни случаи од Ковид-19, со повеќе од 4,2 милиони случаи и приближно 146.000 смртни случаи, по што следува Бразил, со 2,4 милиони случаи и скоро 87.000 смртни случаи.
Мексико, Перу и Чиле се, исто така, меѓу првите 10 земји по број на случаи на Ковид-19.
Здравствените експерти велат дека официјалните податоци речиси сигурно покажуваат помалку инфекции и смртни случаи, особено во земји со ограничен капацитет за тестирање.