Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Русија ја регистрирала првата вакцина против коронавирусот.
– Утрово за првпат во светот е регистрирана вакцина против коронавирусот, рече Путин на средбата со членовите на Владата.
Рускиот претседател изрази надеж дека со време ќе се појават повеќе вакцини против коронавирусот.
Вакцината, изработена од московскиот институт Гамалеја, денеска доби зелено светло од руското Министерство за здравство.
Путин рече дека се надева оти Русија наскоро ќе почне со масовно производство на вакцината против Ковид-19.
Тој откри дека неговата ќерка веќе се вакцинирала против вирусот. Рускиот претседател рече дека неговата ќерка имала мала температура откако ја примила вакцината, но дека тоа брзо поминало.
– Една од моите ќерки ја прими вакцината. Во оваа смисла, таа учествуваше во експериментот. По првото вакцинирање, таа имаше температура од 38, следниот ден – 37 и тоа беше сè, рече Путин.
Заменик-премиерката на Русија Татјана Голикова рече дека вакцината ќе им биде давана на здравствените работници од почетокот на септември. За пошироката јавност ќе биде достапна почнувајќи од јануари.
Вишиот министер Михаил Мурашко минатата недела објави дека се планира во октомври да почне национална програма за масовна вакцинација. Мурашко додаде дека сите трошоци ќе бидат покриени од владата.
Брзината со која Русија ги врши истражувањата и одобрувањето на формулата предизвика скепса кај Западот, а СЗО дури повика и на претпазливост кон руската вакцина, но Вадим Тарасов, врвен научник, вели дека земјата била во предност бидејќи последните 20 години ги поминала во развивање на вештините на ова поле и во обиди да открие како се пренесуваат вирусите.