( Извадок)
“Се што е горе на небесата и долу на земјата најпрво се отвори за Неа, и преку Неа, за нас…
Колку подостојно е за нас да го славиме со највисоки почести споменот на Мајката Божја, Светињата на Светиите, преку која светиите го добиваат нивното осветување?… Стоејќи помеѓу Бог и целиот човечки род, единствено Она го направи Бог Син човечки, а луѓето синови Божји, ја направи земјата небо, и го обожи човештвото. Единствено Она меѓу жените стана Мајка Божја по природа надминувајќи ја секоја природа. Преку нејзиното неискажливо раѓање Она стана Царица на сето создание во овој свет и повеќе, и преку себе ги издигна тие под Неа и ги направи небесни наместо земни…
Кои зборови можат да ја опишат твојата божествена убавина, Дево Богородице? Не можеме да те опфатиме во нашите зборови и мисли, зашто сè во врска со тебе го надминува говорот и разумот. Но, со твоето љубовно допуштање, можеме само да ти воспеваме пофални песни. Во тебе сета благодат си најде место. Ти си исполнувањето на секое добро и благословено, жива слика и икона на сета добрина и милост, зашто единствено ти беше достојна за даровите на Духот во сета полнота, односно таинственото вселување во твојата утроба на Оној во Кој сите овие дарови се сместени…
Богородица е толку поблиску до Бог од сите други кои му пристапуваат, што може да се застапува посилно од сите нив, а под ова мислам не само на човечките битија, туку и на ангелските чинови. Исаија пишува за највисокиот чин ангели на небесата: „Околу Него стоеја серафими“ (Иса. 6:2), додека Давид вели за Мајката Божја: „Царицата стои покрај Тебе оддесно“ (Пс. 44:9). Ја гледате разликата во нивното место? Од ова може да ја забележите и разликата во чевствувањето на серафимскиот чин и на Богородица, оти серафимите се околу Господ, но само Царицата на сите стои покрај Него. Самиот Господ се восхитува и ја воспева Неа; како Он да ја воспева пред ангелските чинови околу Него со зборовите од Песната над Песните „Колку си убава, моја возљубена“. Она е посветла од светлината, расцутува попрекрасно од рајските божествени градини и е најубаво украсена од сè видливо и невидливо. Достојно е да стои не само покрај Господ, туку кај Неговата десница…
Дека ангелите, како и сите ние, учествуваат и се допираат со недопирливата божествена природа единствено преку Неа е јасно прикажано кај Исаија. Зашто тој не го виде Серафимот како го зема разгорениот јаглен директно од жртвеникот, туку го фаќа со клешти, а јагленот го употребил да ги допре неговите пророчки усни за очистување (Иса 6:6-7). Видението со клештите е еднакво со големото видение на Мојсеј на несогорливата капина која гореше но не согоруваше. Уште ли има такви кои не разбрале дека Богородица е и капината и клештите кои го држеа божествениот оган без да изгорат? Не беше ли оваа тајната за која Архангелот зборуваше при нејзиното зачнување која преку Неа го направи Оној Кој го брише гревот едно со човечкиот род, и која, преку оваа неопислива заедница, нас вистински нè очистува? Единствено Она стои на границата помеѓу создадената и несоздадената природа, и никој не може да дојде кај Господ ако најпрво не е вистински просветлен од Неа, вистинската светилка на божествената светлина. „Севишниот го осветли живеалиштето Свое. Бог е среде него;“ вели Светото Писмо, „тоа нема да се разниша“…
Како што само преку Неа Синот дојде при нас, одеше на земјата, живееше меѓу луѓето, откако предходно беше невидлив за сите, така од сега па до бескрајната вечност, сиот напредок кон пројавувањето на божественета светлина, секое откривање на божествените тајни, и сите форми на духовни дарови се надвор од сечив дофат без Неа.“