Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери денеска, во неговиот кабинет, ја прими амбасадорката на САД во земјава Кејт Мари Брнз, придружувана од нејзини соработници.

-На средбата, Џафери изрази благодарност за поддршката што американската амбасада и САД и ја даваат на Република Северна Македонија, при што истакна дека за нас е од суштинско значење задржаниот фокус на Соединетите Американски Држави кон нашата земја и  регионот во целина, информира собраниската прес-служба.

Претседателот на Собранието ја информираше амбасадорката Брнз за очекуваното ангажирање на новата Влада во однос на пандемијата и мерките за зачувување на здравјето на граѓаните, за економските мерки за поддршка на населението и подготовката на стратегијата за започнување на преговорите за членство со Европската Унија, како три главни приоритети на дејствување. Тој, исто така зборуваше и за планираните активности на Собранието до крајот на оваа година.

Амбасадорката Брнз му честиташе на Џафери за успешно спроведените парламентарни избори, за формирањето на институциите и за неговиот реизбор на функцијата претседател на законодавниот дом.

Таа истакна дека, Република Северна Македонија има постигнато значаен напредок за кус период, особено на полето на евроатланската интеграција. Брнз истакна и дека од клучно значење е во Собранието да се формира што поширока поддршка за реализација на стратешките цели, особено од аспект на НАТО и членството во Европската Унија.

Таа подвлече дека се подеднакво значајни и борбата против корупцијата, прашањата поврзани со националната безбедност и потеклото на ивестициите, како и донесувањето на Законот за антидискриминација.