Во однос на квалитетот на здравствените услуги, јавното здравство, вклучително и Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – Скопје, во ниту еден сегмент од доменот на своето работење, не заостанува зад приватното здравство, како по квалитетот на услугите кои ги нуди на пациентите, така и во однос на современата апаратура со која располага, особено по последните вложувања од страна на Фондот за здравствено осигурување, вели во интервју за МИА директорот на Клиниката, проф.д-р Небојша Настов.
Тој посочува дека апаратурата со која располагаат, потрошните материјали кои се користат во Клиниката и во останатиот дел од јавното здравство, се исто така со врвен квалитет и смета дека со подобрувањето на пансионските услуги дискрепанцијата меѓу приватното и јавното здравство постепено, но сигурно се минимализира и се губи во потполност. На оваа изјава, нагласи тој, ќе има и спротивставени мислења, но да не заборавиме, медицинскиот кадар во нашата земја потекнува од јавното здравство, без оглед дали сега работи во приватно или пак во „државно“.

Истакнува дека реконструкцијата на неодамна пуштеното во функција одделение за трауматологија е продолжение на циклусот реконструкции, почнат минатата година, кога комплетно се реновирани гардеробите за преку 90 вработени, кои никогаш не биле реновирани. Претходно, потенцира проф.д-р Настов, комплетно се реновирани просториите во кои се чува научната документација на болницата.
-Тој циклус ќе продолжи и се планира формирање на Ургентен центар во клиниката, со цел за комплетно одвојување на итната патологија од т.н. хронична патологија, т.е. пациентите кои доаѓаат на редовни, закажани контроли во супспецијалистичките амбуланти. Градежните активности би започнале во октомври и би траеле околу четири до пет месеци, по што би можеле да сметаме дека Ургентиот центар би бил ставен во функција. Потребно е реновирање на оперативниот блок и одделот за интензивно лекување, кои за жал не се темелно реконструирани уште од формирањето на болницата, вели проф.д-р Настов.
Во однос на опремата наведува дека таа се обновува според потребите на одделите и дека во последните две години е набавена најсовремена опрема за изведување на минимално инвазивни интервенции на одделите за дигестивна хирургија и урологија, како и комплетно нови сетови со инструменти за изведување на овој тип на интервенции. Набавен е нов апарат за магнетна резонанца, кој е ставен во употреба пред околу една година. Покрај веќе набавената опрема, се планира набавка на ЕХО апарати, како и опрема за гастроскопија и колоноскопија, која е во рамки на обновување на старата и дотрајана опрема која веќе се користи долги години.
Во однос на тоа што најмногу недостига, посочува директорот на Клиниката, тоа се медицинските сестри, болничарите и останатиот технички персонал.
– Медицинските сестри се дефицитарни, не само во нашата држава, туку и во цела Европа. Сметам дека овој проблем треба и мора да се решава на малку повисоко ниво, т.е на ниво на Министерството за здравство. Секако една примамлива идеја е дека како што увезуваме работници, може треба да се размисли за „увоз“ токму на овој тип на кадар, но секако не од Европа, заради тоа што е дефицитарен, туку можеби треба да се завртиме и кон африканскиот или азискиот континент, колку и да звучи тоа чудно, вели проф.д-р Настов.
Нагласува дека во последните години е намален одливот на лекарите кон надвор, т.е. странство.
– Дали е тоа заради намалената побарувачка или пак заради подобрените услови во нашиот здравствен систем, не знам, но секако сега проблемот не е во одливот на кадарот кон надвор, туку во тенденцијата за префрлување на кадарот од помалите здравствени установи, кон поголемите во Скопје, истакнува проф.д-р Настов.
Според него, доколку бројката на персонал дозволува работа во две смени, во тие услови би се функционирало со четири сали во две смени и практично би добиле осум операциони сали, што како резултат би довело до драстично намалување на листите за чекање.
Во врска со системот за брза реакција во Клиниката, појасни дека е подготвен во целост и се покажал дека функционира и на дело, за жал, како пто вели, во моменти на една национална трагедија, како што беше пожарот во Кочани.
– Потребна е поголема координација меѓу примарното, секундарното и терцијарното здравство не само при кризни ситуации. Многу повеќе е потребна таа координација и во секојдневното функционирање, додава проф. д-р Настов во интервјуто за МИА.

Пред неколку дена во употреба беше пуштено целосно реконструираното Одделение за трауматологија, првпат обновено од 1965 година, со инвестиција од 230 илјади евра. Какво влијание ќе има оваа реконструкција врз квалитетот на здравствените услуги, условите за работа и третманот на пациентите?
-Да, за жал морам да констатирам дека со исклучок на некакви парцијални интервенции на одделот, суштинско реновирање не е направено. Вкупната инвестиција е некаде околу 230 илјади евра, од кои 200 илјади се од буџетот на болницата, додека дополнителните 30 илјади евра се донација од општествено одговорни фирми, кои морам да признаам без никаква забелешка се вклучија во опремувањето на одделот со нови кревети и останат инвентар. Влијанието на оваа реконструкција ќе биде во најголем дел во однос на т.н. пансионски услуги кои ги нуди болницата, т.е. одделот за Трауматологија. Сметам дека во однос на квалитетот на здравствените услуги, јавното здравство, вклучително и Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – Скопје, во ниту еден сегмент од доменот на своето работење, не заостанува зад приватното здравство, како по квалитетот на услугите кои ги нуди на пациентите, така и во однос на современата апаратура со која располага, особено по последните вложувања од страна на Фондот за здравствено осигурување. Исто така, морам да го потенцирам и фактот дека покрај апаратурата со која располагаме, потрошните материјали кои се користат во нашата установа, а секако и во останатиот дел од јавно здравствениот систем, се исто така со врвен квалитет, заради што со подобрувањето на пансионските услуги во јавното здравство, сметам дека дискрепанцијата меѓу приватното здравство и јавното здравство постепено, но сигурно се минимизира, да не кажам и дека се губи во потполност. Секако, на оваа изјава ќе има и спротивставени мислења, но да не заборавиме, медицинскиот кадар во нашата земја потекнува од јавното здравство, без оглед дали сега работи во приватно или пак во „државно“.

Дали реконструкцијата на одделението за трауматологија е почеток на поширок инвестициски циклус во Клиниката и кои други одделенија или простории е планирано да се реконструираат?
-Би сакал да појаснам дека оваа реконструкција е продолжение на циклусот реконструкции, кој е започнат уште минатата година, кога се комплетно реновирани гардеробите за преку 90 вработени, кои морам да признаам не биле реновирани никогаш. Претходно се реновирани комплетно просториите во кои се чува научната документација на болницата. Истиот циклус секако дека ќе продолжи и се планира формирање на Ургентен центар во клиниката, со цел за комплетно одвојување на итната патологија од т.н. хронична патологија, т.е. пациентите кои доаѓаат на редовни, закажани контроли во супспецијалистичките амбуланти. Формирањето на овој Ургентен центар се планира во веќе постојните простории на Клиниката и ќе бара само дополнително сообраќајно уредување со цел за поедноставен пристап на возилата на Итната медицинска помош до Ургентниот центар.

Покрај тоа, морам да ја потенцирам потребата од реновирање на оперативниот блок и одделот за интензивно лекување, кои за жал, не се темелно реконструирани уште од формирањето на болницата. Оваа реконструкција ќе бара и финансиска помош од страна на Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство, заради тоа што се работи за поголема инвестиција. Секако во набројувањето на приоритетите, предност даваме на деловите од Клиниката каде се третираат пациентите, но не смееме да го заборавиме и административниот дел од зградата, каде работи сиот оној персонал кој треба да го валоризира сето она што условно кажано, медицинскиот дел од персоналот го сработил.
Дали во наредниот период ќе има нови капитални инвестиции или набавка на современа дијагностичка и оперативна опрема за клиниката?
-Веќе одговорив на дел од прашањето, а тоа е дека за капитална инвестиција го сметаме реновирањето и комплетната реконструкција на оперативниот блок и одделот за интензивно лекување. Во однос на опремата можам слободно да кажам дека таа се обновува според потребите на одделите и дека во последните две години е набавена најсовремена опрема за изведување на минимално инвазивни интервенции на одделите за дигестивна хирургија и урологија, како и комплетно нови сетови со инструменти за изведување на овој тип на интервенции. Набавен е нов апарат за магнетна резонанца, кој е ставен во употреба пред околу една година. Покрај веќе набавената опрема, се планира набавка на ЕХО апарати, како и опрема за гастроскопија и колоноскопија, која е во рамки на обновување на старата и дотрајана опрема која веќе се користи долги години.

Најавивте отворање Ургентен центар, кој ќе овозможи подобра организација и одвојување на итните од неитните пациенти. До каде е реализацијата на овој проект и кога очекувате да биде ставен во функција?
-Реализацијата на проектот за нов Ургентен центар зависи во голем дел од завршувањето на постапките за упишување на веќе посточките објекти во катастарот на недвижности, кои претходно не биле запишани и нивното внесување во голем дел зависи од постапки кои требале, но не се завршиле навремено, па заради тоа и целиот процес за отпочнување со активностите доцни во однос на планираното. Секако сметам дека градежните активности би започнале некаде во месец октомври и би траеле околу четири до пет месеци, по што би можеле да сметаме дека Ургентиот центар би бил ставен во функција.
Во однос на значењето на Ургентниот центар сакам да потенцирам дека функционирањето на Ургентната амбуланта во сегашната констелација на работа, каде се работи во буквална смисла на зборот за една просторија, во која работат еден до двајца доктори, кои ротираат како дел од дежурните екипи и во текот на календарската година се изведуваат околу 60.000 прегледи. Знаејќи го фактот дека во истиот простор т.е. поликлиничкиот дел поминуваат и дополнителни 60.000 елективни или т.н. неитни пациенти, лесно се објаснува впечатокот на сите оние кои влегле во Клиниката дека „цело време има гужва“. Секако се надеваме дека со отварањето на Ургентниот центар овој впечаток ќе биде променет.

Каква е состојбата во клиниката „Св. Наум Охридски“ во однос на кадарот, кој профил на кадар најмногу недостига и како планирате да го надминете овој проблем?
-Состојбата со кадарот во Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ е слична како и во другите здравствени установи во земјата (како јавни, така и приватни). Во однос на она што најмногу недостига, секако се медицинските сестри, болничарите и останатиот технички персонал. Интересен е фактот дека во ера кога има многу поголем број на средно медицински училишта во државата, отколку пред дваесетина години, ние токму сега се соочуваме со недостиг на овој кадар. Ова укажува на тенденцијата дека медицинските сестри се дефицитарни, не само во нашата држава, туку и во цела Европа. Плановите за надминување на овој недостиг не секогаш треба да потекнуваат од медицинските установи, сметам дека овој проблем треба и мора да се решава на малку повисоко ниво, т.е на ниво на Министерството за здравство. Секако една примамлива идеја е дека како што увезуваме работници, може треба да се размисли за „увоз“ токму на овој тип на кадар, но секако не од Европа, заради тоа што е дефицитарен, туку можеби треба да се завртиме и кон африканскиот или азискиот континент, колку и да звучи тоа чудно.

Кои мерки ги преземате за задржување на младите лекари и медицинскиот персонал и со какви предизвици најчесто се соочуваат специјализантите?
-Морам да признаам дека во последните години некако е намален одливот на лекарите кон надвор, т.е. странство. Дали е тоа заради намалената побарувачка или пак заради подобрените услови во нашиот здравствен систем, не знам, но сега проблемот не е во одливот на кадарот кон надвор, туку во тенденцијата за префрлување на кадарот од помалите здравствени установи, кон поголемите во Скопје.
Во однос на предизвиците на специјализантите, тие отсекогаш биле исти, како да добијат квалитетна едукација и соодветно место за вработување. Знаете, постојат здравствени системи, каде специјализантите се вработени во Министерството за здравство се до моментот на завршувањето на специјализацијата. По завршувањето на истата Министерството за здравство е тоа кое одредува кој каде ќе се вработи, во зависност од приоритетите на државата, а не во зависност од желбите на поединецот.

Кои се вашите клучни приоритети за подобрување на организацијата на работата и намалување на листите на чекање за оперативни зафати?
-Подобрувањето на организацијата на работата е во голема мерка зависно од расположливиот персонал. Ова ќе го илустрирам со еден едноставен пример. Многу често се споменуваат листите за чекање за разни видови на оперативни интервенции, дека причина за истото е недоволниот број на операциони сали. Ова е само една од многуте заблуди, затоа што како пример ќе ја посочам нашата клиника, која располага со четири операциони сали. Истите тие сали функционираат само во една смена заради недоволниот број на персонал да ги опслужува истите во две смени. Доколку бројката на персонал дозволува работа во две смени, во тие услови би се функционирало со четири сали во две смени и практично би добиле осум операциони сали, што како резултат би довело до драстично намалување на листите за чекање. Секако проблемот потоа би бил и во ограничениот број на легла за оперираните пациенти, но и тука би можело да се интервенира со изведување на минимално инвазивни интервенции, кои изискуваат помал број на болнички денови. Заради тоа, сувопарното изнесување на бројките на оперативни интервенции не е доволен показател за успешноста на одредена, пред се, хируршка установа. Покрај овие бројки тука треба да се земат предвид и деновите на лежење, како во единиците за интензивно лекување, така и на одделите, како и процентот на т.н. ревизии.

Клиниката „Св. Наум Охридски“ е еден од најважните ургентни центри во државата. Колку е подготвен системот за брза реакција при масовни несреќи, природни непогоди или други кризни ситуации и дали е потребна подобра координација меѓу примарното здравство, службата за итна медицинска помош и болниците за да се намали бројот на пациенти кои се јавуваат во ургентните амбуланти?
-Најодговорно тврдам дека системот за брза реакција е подготвен во целост и истиот се покажа дека функционира и на дело, за жал во моменти на една национална трагедија, како што беше пожарот во Кочани. Секоја здравствена установа, вклучително и нашата има изработен и усвоен протокол за работа во кризни ситуации и при масовни несреќи. Со овој план се запознаени сите оние кои учествуваат во неговото спроведување и одвреме навреме се спроведуваат и вежби за негово извршување. Морам веднаш да потенцирам дека секогаш има место за подобрување и ние сме посветени кон подобрување на перформансите на установата во вакви ситуации. Пред околу една година имавме и вежба која се изведуваше на ниво на целиот град во која беа вклучени сите чинители на здравствениот систем во Скопје и истата беше оценета со највисоки оценки.
Во однос на координацијата меѓу примарното, секундарното и терцијарното здравство, сметам дека е потребна поголема координација, не само при кризни ситуации, многу повеќе е потребна таа координација и во секојдневното функционирање. Токму како што и го поставивте прашањето, се со цел да се намали бројот на пациенти кои се јавуваат во ургентните амбуланти. Знаете незамисливо е да дојде пациент на преглед во терцијарно ниво на здравствена услуга без никаква претходна дијагностичка процедура. Како последица на тоа истите процедури кои треба да се извршат во примарното здравство сега ќе треба да се изведуваат во терцијарна здравствена установа и како последица на тоа се создаваат оние долги редици пред шалтерите кои им пречат на сите. Исто така, сметам дека едукацијата на пациентите од страна на примарното здравство во голем дел отсуствува, особено за процедурите за закажување на иницијалните прегледи, како и закажувањето на контролните прегледи, па неретко се доведуваме во ситуација пациент кој е со месеци на боледување да доаѓа со приоритетен упат за продолжување на боледувањето.

Каква е вашата визија за развојот на Клиниката во следните неколку години и кои цели сакате да ги реализирате во следниот период?
-Во однос на визиите за развој на клиниката мислам дека веќе доволно кажав, би сакал да се задржам малку повеќе на она што би сакал да го реализираме, потенцирам да го реализираме, бидејќи никој не може ништо сам, особено во хирургијата која е тимска работа и потребна е поддршка од поголем дел од вработените. Свесен сум дека се уште не се родил човек кој ја добил поддршката од сите, но доколку поголемиот дел од персоналот (вработените) застанат зад визијата за една модерна Клиничка установа, која е пред се посветена на здравјето и благосостојбата на пациентите, сметам дека ќе можеме да ја реализираме идејата за нови реконструирани операциони сали, нова реконструирана единица за интензивно лекување, нов ургентен центар и секако една успешна хируршка Клиника на нивото на оној толку цитиран запад.
МИА




