-Американскиот министер за здравство и социјални услуги (HHS), Роберт Ф. Кенеди Јуниор, влезе во остар вербален конфликт со водителката на Си-Ен-Ен, Дана Беш, со цел да ги покаже апсурдностите што на САД и на светот му се случуваа за време на ковид-кризата, но и да одговори на обвинувањата за неоснован скептицизам кон вакцините, за кој често е критикуван од медиумите.
Американската јавност деновиве е сведок на јавни дебати за можни злоупотреби за време на пандемијата од страна на првиот човек за заразни болести на САД, Ентони Фаучи, со поддршка на фармацевтскиот бизнис и мејнстрим медиумите. Ова доаѓа откако Фаучи се соочи со испрашување пред Конгресот и по заплената на неговите работни дневници кои содржат многу контроверзи. Токму дневниците на Фаучи беа најголемиот аргумент на Кенеди во жестокиот разговор со Беш дека погрешните политики од тоа време носат болести и епидемија на мали сипаници денес.
Секретарот за здравство јасно ги позиционираше своите клучни аргументи: тој не води војна против вакцинацијата како концепт, туку против отсуството на долгорочни безбедносни контроли. Додека јавно ја брани ефикасноста на MMR вакцината, Кенеди отвори фронт против официјалниот медицински естаблишмент за други седум до осум детски вакцини кои, според него, се администрираат без соодветни истражувања.
Кенеди бара студии наместо флоскули за ефикасност на вакцините
Најтензичниот момент во студиото ескалираше кога разговорот премина на темата за ефикасноста на ковид-вакцините и нивното влијание врз децата. Новинарката Дана Беш се обиде да пласира генерален став како апсолутен факт, што предизвика противнапад од Кенеди, кој побара конкретни научни докази наместо медиумски флоскули.
РФК Џуниор: Зборуваш она што некој ти го кажал. Цитирај ми ја студијата. Зборувате за студии кои всушност не постојат. Цитирајте ја студијата за која зборувате. Велите дека гледате студии. Цитирајте ја студијата.
Дана Беш: Ова не е продуктивно. Не сум тука да ги бранам сите…
РФК Џуниор: Зборуваш глупости. Тврдиш работи кои не можеш да ги поткрепиш. А потоа кога те повикувам на нив, ми кажуваш дека се расправам.
Дана Беш: Во ред. Дали сакате да зборувате за тврдења што не можете да ги поткрепите? Ќе стигнам до таму за секунда. Дозволете ми само да кажам дека не велам дека реакцијата беше точна во целост. Беше застрашувачки период и луѓето правеа грешки.
РФК Џуниор: Ги плашевте луѓето.
Дана Беш: Зошто го кажувате тоа?
РФК Џуниор: Бидејќи тоа беше работа на Си-Ен-Ен, да ги плаши луѓето…
Што е испитано, а што не?

Откако бурата во студиото стивна, Кенеди Јуниор детално ја елаборираше својата позиција за детската имунизација. Тој повлече дебела линија помеѓу вакцините кои ја поминале научната верификација и оние кои се наоѓаат во сивата зона. На директното прашање за епидемијата на мали сипаници (морбили) во САД, тој отворено и недвосмислено застана зад MMR (МРП) вакцината:
„Никогаш не сум ја доведувал во прашање ефикасноста на MMR вакцината. Им кажуваме на луѓето на моите веб-страници, на мојата јавност сега, дека родителите треба да ги вакцинираат своите деца против мали сипаници. Вакцината против мали сипаници е ефикасна. Ги спречува малите сипаници во околу 97% од случаите. Треба да се вакцинираат.“
Сепак, веднаш по оваа поддршка, Кенеди ги нападна официјалните здравствени власти дека кријат сериозни пропусти во детскиот календар за имунизација. Според него, јавноста се доведува во заблуда дека сите вакцини што им се даваат на бебињата се подеднакво безбедни како MMR.
„Грешите кога велите дека ова прашање е проучено. Националната академија на науките, која е врховен арбитер за безбедноста на вакцините и нема интерес во оваа дебата, вели дека ниту една од осумте вакцини што се администрираат во текот на првите шест месци од животот никогаш не е проучена за поврзаност со аутизмот. Пронајдени се две студии, една за вакцината DTP и една за вакцината против хепатитис Б, кои сугерираат дека тие предизвикуваат аутизам, но Институтот за медицина ги отфрли бидејќи се базираа на базата на податоци на CDC. Студиите на кои се повикувате се однесуваат на една вакцина, MMR вакцината или една состојка, тимеросал“, образложи тој.
Токму затоа, Кенеди потврди дека Белата куќа веќе врши притисок врз него да спроведе независни и сеопфатни медицински истражувања. Целта не е да се укинат вакцините, туку научно да се утврди како животната средина и одредени фармацевтски производи (како изложеноста на парацетамол во бременоста) комуницираат со човечката ДНК и дали создаваат генетска ранливост кај фетусот.
Карантините беа најштетни, Фаучи лажеше за сè
Кенеди Јуниор отворено зборуваше против политиките на Фаучи и штетите направени на американската економија и образование.
„Мислам дека она што нанесе најголема штета на нашата земја беа карантините. Карантините што затворија 3,5 милиони бизниси во нашата земја без соодветна постапка, без праведна компензација. Сите наши цркви, ги затворија нашите училишта, а нашите деца сè уште ја плаќаат цената за тоа. И сепак имавме најлош исход од која било земја во светот“, изјави Кенеди Јуниор, додавајќи дека САД имале исклучително висока стапка на смртност.
Секретарот дури ја поврза денешната епидемија на мали сипаници директно со погрешните карантински одлуки на Фаучи, цитирајќи ги неговите лични записи:
„Причината зошто имаме епидемија на мали сипаници е поради Ковид-19, бидејќи луѓето тој период не сакаа децата да се вакцинираат. Во своите дневници Фаучи самиот вели дека ова ќе предизвика масовни епидемии на мали сипаници и дека повеќе деца ќе умрат од мали сипаници поради овие карантини отколку од другите. Таа возрасна група што требало да ја прими MMR вакцината кога имала 18 месеци, а не ја примила во карантините, тие се заразени сега.“
Идниот пристап: Доверба во лекарите од терен, а не во бирократи
Кенеди најави радикално поинаков концепт за справување со идни пандемии. Клучот, според него, е во децентрализацијата на информациите и довербата во лекарите практичари, а не во административците во Вашингтон.
„Главната работа што треба да ја направиме е да слушаме што се случува со лекарите на терен. Низ целиот свет има 15 милиони лекари на првата линија. Тие сега се главно поврзани преку интернет. На првата линија можеме да кажеме што функционира, а што не. Да ги слушавме тие лекари за време на пандемијата на КОВИД, потенцијално ќе спасевме милиони животи. Имаше терапевтски средства кои функционираа, имаше лекари кои немаа смртни случаи од Ковид и во некои случаи лекуваа илјадници пациенти, а ние не ги слушавме. Наместо тоа, правевме спротивното. Ги затворавме.“
Кенеди Јуниор го заврши своето излагање со сериозно предупредување до медиумите и јавноста, нагласувајќи дека негов врвен приоритет во секоја следна криза ќе биде Уставот на САД:
„Сега знаеме дека Ентони Фаучи, кој беше експерт, лажеше за сè – за социјалното дистанцирање, за природниот имунитет, за преносот од вакцината, за изворот на Ковид. Тој лажеше. И ги казнувавте луѓето затоа што не им веруваа на експертите. За време на Ковид, целосно ги укинавме нашите уставни права. Почнавме да ги цензурираме луѓето. Ние го штитиме уставот – тоа е приоритет број еден во секоја потенцијална криза“, заклучи секретарот за здравство.




