Дарко ЈАНЕВСКИ
Пред само два месеци, јавноста бурно реагираше кога скопскиот Кривичен суд чиј претседател е Џолев, донесе пресуда со која убиецот на младиот Кољо Христовски го осуди на три годии затвор. Бесот беше уште поголем кога таа пресуда почна да се споредува со пресудата од четири години затвор за дедо Панче поради кубењето на косата на Шеќеринска. Иако секој предмет е посебен и е случај сам за себе, сепак, на крајта, се се сведе на тоа дека да убиеш некого е помало зло од потегнувањето на косата на Шеќеринска. Коса, која мора да се признае, не е обична. А животот на дете е сепак само обичен живот на дете.
Во одбрана на пресудата, судот на Џолев тогаш објави соопштение во кое истакна дека Судот бил врзан за правната квалификација на Обвинителството, а дека согласно таа правна квалификација, е изречена и самата казна.
Вчера се повтори истото. Во обид да се оправда пресудата со условна казна за сообраќајката кај Млечен, Џолевиот суд повторни испрати соопштение во кое вели дека и во овој случај судот бил врзан за правната квалифиакција на ЈО и во тие рамки ја изрекол и казната. Па вели:
„Врз основа на сето горе наведено, јавноста мора да знае дека судот постапува по обвинителни предлози и акти доставени од истрага и квалификација која ја води и утврдува Јавниот обвинител и носи пресуди во рамки на пропишаните казни во Кривичниот законик, притоа водејќи сметка на сите околности (ова дека е водено сметка за сите околности само по себе е смешно, но еве, нема да навлегуваме во содржината на пресудата, н.з.). Судот во ваков случај не може да смени или преквалификува кривично дело ниту може да излезе од рамките на пропишаната казна.“
Ете, тоа се зборовите во судското соопштение.
Но, тогаш, во случајот со Христовски напишавме дека Судот лаже. Лаже и во ова вчерашно соопштение. Еве и зошто (следните редови се сегменти од текстот во врска со пресудата за Христовски, објавен во Денешен.мк на 16 јуни, но апсолутно се однесуваат и на редовите од вчерашното соопштение на Судот кои ги цитираме погоре):
„Но, чекај малку, нели појдовме од тоа дека Судот бил врзан да суди за тоа дело кое го напишал обвинителот (или МВР)? Или да бидеме попрецизни, па да цитираме уште еднаш: „…надлежни за квалификација на кривичните дела, според која квалификација се одредува казната – доколку се докаже вината, се МВР и Јавното обвинителство, а не судот.“… (сега Судот вели дека „не може да смени или преквалификува кривично дело“, што е исто како и во соопштението до 16/6/2020)
Имено, судењето се одвива врз основа на Законот за кривична постапка (исклучоците со СЈО овој пат да ги оставиме настрана). Тој Закон, пак, има одредби кои велат нешто друго, односно велат дека ЈО е надлежно да ја напише квалификацијата на делото, ама Судот не е папочно поврзан за нејзе. Така, на пример, во член 338 од тој Закон се вели дека при оценка на обвинтелниот акт, „Судот не е врзан за правната квалификација на делото кое јавниот обвинител ја навел во обвинителниот акт“.
Се чини, на ова нема што да се додаде, нели. Ама ова е само оценка на обвинителниот акт.
Но, малку подоле, во член 398 кој се однесува на донесување пресуда, став 2, ЗКП вели:
„Судот не е врзан за предлозите на тужителот во однос на правната оцена на делото“. Еве и со слика:
Значи имаме две одредби врз основа на кои конкретен суд ја води постапката и носи пресуда (меѓу останатите одредби во ЗКП), а кои велат дека судот не мора да се придржува до правната квалификација наведена од обвинителот, како што во соопштението не тврди, ама манипулативно сугерира Судот со кој раководи Џолев (вели „надлежен за правната квалификација“ што е точно, но кога ќе поврзе со погорните редови од соопштението, упатува токму на терминот „врзан за правната кавлифиакција“). Тоа значи дека судот може, но и не мора да ја прифати правната квалификација на обвинителот, а има доволно примери од судската практика за случаи кога тоа еден суд го направил и не погрешил (се разбира, има и обратни примери, но овде говориме за законската и принципиелната поставеност).
Истото се тврди и во еден од последните коментари на ЗКП, издаден во 2018 г., под кој се потпишани дузина или поточно осумина кривичари, небитно кои бидејќи некои од нив не заслужуваат ни името да им се спомене, но Коментарот е тука, тоа се луѓе кои играат активна улога во правниот систем на РМ (а и РСМ) и еве што во него се вели за ова, односно за став 2 од член 398:
Како што можете да видите и прочитате, јасно се вели дека „судот не е врзан за предлозите на тужителот во поглед на правната квалификација на делото и доколку во пресудата е содржана поинаква правна квалификација од онаа содржана во обвинението, не се повредува објективниот идентитет…“. Тоа за што тој е врзан е субјективниот момент, односно лицето кое е наведено во обвинението и објективниот идентитет, односно описот на делото, т.е. на фактичката ситуација при која е сторено делото и која треба да се докаже.
Така вели Законот, така велат и коментарите на тој закон од професори по кривично право. Судот на Џолев вели поинаку од тоа што го вели Законот, а вие сами проценете кој лаже: Законот за кривична постапка или Судот.
А тврдењето на ЗКП навистина има смисла. Инаку, теориски би можело да се замисли дека обвинителот во случај на убиство (на пример, пукање со пиштол и смрт на лице место како последица на тоа) да поднел обвинение за тешка телесна повреда и судот да не може ништо да стори. Има труп на човек, ама обвинението е за телесна повреда и тука завршува приказната. Впрочем, кога малку подобро ќе се размисли, така било отсекогаш во кривично правниот систем на РМ и со сите закони за кривична постапка наназад. ЈО секогаш бил надлежен за правната квалификација на делото, но судот никогаш не бил врзан за нејзе. И тоа никогаш не било спорно. Досега.