Магијата на слаткото од грозје опива и оваа година во Тиквешијата. Уживаат сите сетила, без разлика дали станува збор за слатко од црно или бело грозје без семки.

Историчарот Петре Камчевски, за МИА кажа дека францускиот патописец Ами Буе во 1836 година забележал дека меѓу Кавадарци и Неготино се наоѓаат селата Марена и Глишиќ и дека таму по долината на реката Луда Мара има многу убави лозја.

– Тој запишал дека тукашните лозари разликувале многу сорти грозје. „Чауш“ била сортата од која се правело слатко. „Коилизум” и „пармаузум”, пак, биле сорти грозје кои се сушеле, за да може така сушени да се јадат во зима како десерт. Зрната од втората сорта, која главно ја сушеле локалните жители, личеле на мали прсти. Евидентирал исто така дека тиквешките гроздови во тоа време биле покрупни и појајцевидни од француските. Имало и традиција грозје да се суши на сонце и потоа од него се правело пекмез или мармалад. Она што е особено интересно, тој регистрирал дека при преработката на грозјето во вино не се користеле преси, туку гроздовите се ставале во големи каци и таму се нагмечувале и газеле со боси нозе. Притоа нагласил дека во овој крај се произведуваат и многу убави вина, вели Камчевски, хроничарот на Кавадарци и поширокиот регион.

„Султанина“, грозје за султанки

Ѓорѓи Ајтов, раководител на Подрачната единица за поттикнување на развојот во земјоделството од Неготино, за МИА рече дека не му е познато дека има големи површини со грозје без семки во државата.

– Поретко го има, на мали површини. Кај индивидуалните лозари овде- онде понекоја лоза во редовите со трпезни сорти грозје, тие количини се незначителни, нагласи тој.

Семејството Нојкови од неготинското село Долни Дисан се меѓу оние во Тиквешко, како најголем лозаровинарски регион, кои имаат грозје без семки во своите лозови плантажи. Се работи за белата сорта „султанина”, за која во регионот на грозјето и виното се вели дека е грозје за султанки. 

– Имаме понекоја лоза во лозјата, кои се главно со други сорти. Кроењето на таквите винови лози е малку поспецифично од кроењето на винските сорти грозје, како вранецот и смедеревката на пример. Има поразлична техника, оти, ако кроењето е вообичаено, нема да роди грозје. Во случајов треба долга резидба за добар и квалитетен  род на грозје за слатко. Тоа се мали количини, кои се за сопствени потреби, како и за наши блиски роднини и пријатели, нема за продажба, за МИА раскажа Марјан Нојков.

Нивните лози со грозје без семки се стари по три-четири децении.

– Имаме голем мерак за овие стари и подзаборавени сорти, кои бараат топла клима и затоа сè уште ги чуваме и не ги копачиме. Не ги чуваме од комерцијални причини, туку за своја душа, дециден беше тој.

Колку повеќе љубов, толку повкусно слатко

Едно кавадаречко семејство, со кое исто така поразговарав на оваа тема, има понекоја лоза грозје без семки, со црна боја. Четиридецениска е нивната традиција на одгледување на оваа сорта и правење слатко од овие гроздачиња.

– Ние продадовме понекое кило оваа година. Купено од куќен праг, цената е 25 денари за килограм, а на пазар таа достигнува и по 40 денари за едно кило. Според мене, многу е полезно, има интензивна боја и ароматично е, на вкус нешто слично како дивите капинки на пример, рече домаќинката за МИА.

Некои од нашите соговорници кажаа дека има случаи кога во Тиквешко се вари и слатко од грозје со семки, на пример десертното „афусали“. Се случува да го помешаат со тиква, па се добива специјалитетот познат како ‘рчели.

Една од тиквешанките која редовно вари слатко од гроздови зрна го сподели со нас и нејзиниот рецепт за ова слатко задоволство, кој се пренесува од колено на колено во фамилијата.

– Нема некоја посебна филозофија, воопшто не е тешко да се направи слатко од грозје. Се вадат само зрната од гроздовите и се мијат. На три килограми грозје се става кило шеќер, а може и малку повеќе, зависно од блажината на грозјето. Но најдобро е да се вари со сопствен гроздов сок или шира. Ако се вари со шеќер, се додава 750 грама вода. Внимателно се следи варењето и се добива извонреден десерт. Колку повеќе љубов се вложи притоа, толку послатко е слаткото, коментираше таа.

Во Тиквешко сè уште има домаќинства во кои добредојде се посакува со слатко од грозје. А има и такви кои се сигурни дека самиот чин на правење слатко, но и дегустирањето, и тоа како можат да бидат ставени во функција на развој на винскиот туризам, па туристот самиот да учествува во таа магија и да си замине дома со тегла слатко.

Светлана Дарудова за МИА