Богатството на американските домаќинства е на историски врв во вториот квартал, бидејќи нивните банкарски сметки се полни со пари од федералната Влада поради кризата со Ковид-19, се вели во студијата објавена денеска од страна на Американската централна банка (ФЕД).
Вкупното богатство на домаќинства и непрофитни организации во САД достигна скоро 119.000 милијарди во кварталот помеѓу април и јуни, што е највисоко регистрирано ниво.
Тоа е нешто повеќе од претходниот рекорд, од нешто повеќе од 118.000 милијарди долари, регистрирани во последниот квартал на 2019 година, кога американската економија беше на својот врв.
Сепак, пандемијата што ја погоди земјата од март и ги принуди властите да воведат мерки за изолација, влијаеше на опаѓањето на богатството на домаќинствата на 111.000 милијарди долари во првиот квартал од оваа година.
Како резултат, долгот на домаќинствата во САД порасна побавно во периодот од април до јуни, за 0,5 проценти на годишно ниво, отколку меѓу јануари и март, кога порасна за 3,8 проценти.
Ситуацијата може да биде помалку розова во третиот квартал. Финансиите на Американците се влошуваат бидејќи чековите за помош се веќе исплатени, некои невработени лица веќе немаат право на бенефиции за невработеност по шестмесечна непрекината помош, а милиони луѓе се уште не најдоа работа.
Белата куќа и членовите на Конгресот, кои разговараат на оваа тема скоро два месеци, не успеваат да се договорат за новиот план за економска помош.
Кога станува збор за компании кои мораа да престанат со активности, а подоцна да започнат да работат повторно, понекогаш делумно или бавно, нивниот долг се зголеми за 14 отсто на годишно ниво, забавувајќи малку во споредба со вториот квартал кога скокот беше 18,4 отсто.
За споредба, долгот на компаниите во САД порасна на максимум 7,1 процент годишно во последните години. Владата на САД потроши милиони милијарди долари од крајот на март за да им помогне на домаќинствата и деловните субјекти да се справат со кризата со коронавирусот.
Државниот долг скокна 58,9 проценти во вториот квартал, откако порасна за 11,4 проценти во првиот квартал. Во 2019 година, државниот долг се зголеми за 6,7 проценти.