Уривањето на стариот светски поредок ги загрозува интересите на средните сили во Европа, меѓу кои е и Германија – изјави денеска во Сингапур германскиот канцелар, Фридрих Мерц.

„Потребна е соработка меѓу Европа и Азија, а треба да ги поврземе европските и азиските трговски договори“, истакна Мерц.

Мерц од Сингапур ја почна четиридневната турнеја во Азија, чија цел е зајакнување на билатералното стратешко партнерство. Во рамките на посетата се предвидени средби со претседателот Тарман Шанмугаратнам и премиерот Лоренс Вонг.

Германија и Сингапур имаат долгогодишна соработка во областа на одбраната, трговијата и истражувањата.

Во Сингапур работат речиси 2.400 германски компании, што вработуваат приближно 45 илјади лица, покажуваат податоците на германската влада. Годишната билатерална трговска размена се проценува на 13,2 милијарди долари. Германија е најголемиот европски трговски партнер на Сингапур.

Во рамките на азиската турнеја Мерц ќе ги посети и Јапонија и Јужна Кореја. Ова е негова трета посета на Азија по преземањето на функцијата пролетта минатата година.