Дарко ЈАНЕВСКИ

Заев вели дека Бугарите го чувствувале Гоце Делчев како бугарски револуционер. И тоа било факт. И сега, како на некој како него да му објасниш дека ние не спориме што тие го чувствуваат Гоце како бугарски револуционер, можат да го сметаат Гоце за што сакаат, туку тие спорат што ние го чувствуваме како македонски револуционер (внимавајте, грижливо бега од идентификувањето на Гоце како Македонец, што е во согласност со „откритието“ на Стево Љубави кој вели дека Гоце е Бугарин кој се борел за слобода на Македонија и на крајта тоа или нешто слично ќе ни го продадат како компромис).

За што преговара велепната Комисија: за тоа што Бугарите го сметаат Гоце за Бугарин или за тоа што ние го сметаме за македонски револуционер – од идентификацијата како Македонец, очигледно веќе сме се откажале).

Ние ниту во минатото, ниту сега се мешаме во бугарските учебници, туку тие се мешаат во нашите, а Заевци тоа го дозволија. Тоа значи, нам не ни смета нивното чувство, ама ним им смета нашето чувство.

Оттука, на масата за преговори не сме еднакви: не се ставени и нивното и нашето чувство, туку само нашето. Тоа значи, кога веќе сме седнале да преговараме, каков и договор да се постигне, во тој договор ние ќе мора да дадеме дел од нашето чувство, но не и Бугарите од нивното, зошто тоа не е на маса, бидејќи ние не го спориме, ниту ни е гајле за тоа.

Со други зборови, ние ќе мора да имаме разбирање за нивното чувство (ете Заев вели било факт дека Бугарите го чувствуваат Гоце како бугарски револуционер), ама тие нема да мора да имаат разбирање за нашето чувство. Така беше и со Грците: ние моравме да имаме разбирање за нивните чувства, но не и тие за нашите. Па знаете како поминавме, само што сега Грците никој не смее да ги спомене, ниту некој смее да пишува писма.

Всушност, кога тргнавме со логиката на пазарџиско продавање краставици да решаваме историски и идентитетски прашања, влеговме во замка од која тешко ќе излеземе: на пример, ние ќе мора да имаме разбирање за тоа дека солунските атентатори на кои Гоце им дал 250 лири од парите за мис Стон се Бугари. Ама Павел Шатев, кој е дел од тие атентатори, умрел како Македонец (настрана што бил делегат на АСНОМ, кој за Бугарите е српски „произход“). Е, сега, шемата за која преговараат Заевци е дека тој во 1903 бил Бугарин, кој учествувал во српскиот АСНОМ, а во 1951 бил Македонец зашто така му рекле Србите! Да?

Второ, какво е тоа секојдневно миење мозоци со тоа дека сме иамле заедничка историја? Па, зар немаме заедничка историја и со Србите? И со Албанците? Што правиме со Грците? Ама факт е (ете да цитирам еден збор од Заев) дека ВМРО се борело можеби повеќе против врховистите од бугарскиот двор и против Грците, отколку против Турците. Впрочем, Ѓорче Петров (за кого многу Бугари тврдат дека бил шпион за бугарскиот двор) сведочи дека половина од парите од мис Стон им отишле на борба против врховистите. Што ќе стои во учебниците, шутраци? Дека во Македонија се бореле една против друга две бугарски струи, а во случајот со Ѓорче дека шпион испратен од бугарскиот двор се борел против другите шпиони испратени од бугарскиот двор? И што ќе стои во учебниците за Гоце, за Чакаларов… родени во денешна Грција? Дека биле окупатори на дел од Грција кој тогаш би окупран од Османлиите, а кој Грците го ослобдиле во 1912/13 година? Дека ВМРО е основано во грчкиот град Тесалоники, кој бил под двојна окупација: на турската власт и на бугарското население? Знаете ли вие, и во Софија и во Шкупи, дека со ова правите од Србите будали, а можеби и навистина се тоа: наместо да ја исчистат етнички Вардарска Македонија во 1913 година од „бугарското населние“ и да ја населат со Срби, по примерот со Грција и нивниот договор со Бугарија од 1922 година, тие, глупаци, го оставиле „бугарското“ население да си живее во Вардарска Македонија, само што, според бугарската шема, му наложиле да се изјаснува како македонско, а тука и таму населиле по некој Србин (како, на пример, во Јосифово). Фактички ние ги караме Србите што етнички не не исчистиле, и им праќаме порака на сите, како во иднина да се однесуваат со нас. Албанците таа порака очигледно ја сфатија, па знаат што прават.

Е, тоа се последиците од договорите кои ги поддржаа таквите како „вмровецот“ Орце Камчев, целата сурија олигарски, а тука е се разбира и е Мериот коалицијата. Врвот на сето ова е Заев. Тоа господо од ВМРО-ДПМНЕ, требаше да го победите на 15 јули. Наместо тоа, се доведовте во ситуација денеска да се расправате со тужби од Рускоска. И вие уште мислите дека се многу убави, нели?

Патем, во деновите околу празникот „8 Септември“, актуелна беше песната „Налеј, налеј…“. За тие кои не знаат, станува збор за песна од деновите кога солунските атентатори биле во Париз, за убавата меанџика, за нивното заминување од Париз за Македонија и Солун (ох, се извинувам – за Тесалоники).

Зар мислите дека тие не можеле да останат таму? Да шетаат по Париз, да подработуваат по нешто, да спечалат, да си намигнуваат со локалните жени, да ашикуваат по тамошните кафеани…? Можеле, но не останале. Зашто биле посебни луѓе кои не можеме да ги сфатиме. Не сме ни блиску до нив! Ама, тие посебни луѓе, гледано од денешен аспект, се глупаци. Знаете зошто? Затоа што за нас вредност денес е шверц на нафта, цигари, бакар, лоповлук, вредност се тендерите, алаш-вериш комбинациите, коленичењето пред странците…

Всушност затоа ли на сите ви требаше да нема медиуми, а тие што го има да бидат или полни со потплатени шарлатани и глупаци или да бидат на шкрги? Мислите дека некоја велелепна стратегија сте смислиле, дека играте некоја голема игра?

И за тие луѓе, и оваа банда од Софија и оваа банда од Шкупи денес преговара? А овие другиве пак, као ги бранат. Жити мајка? Еј, немате право во уста луѓето да ги ставите, не пак нешто друго. Ама да разбиравте нешто…

П.С. Само што читам, Љубави изјавил дека Гоце ги надминува регионалните рамки. И дека нас ми било мерак ако и други го чествуваат. И се чини, еве солзи само како течат. Само што Стево, Бугарите спорат што ние го славиме како Македонец, не спорат што го славиме. Ти текнува или тешко?