Пишува: Стојанче ГЕРОВСКИ

(авторот е адвокат и магистер по меѓународна политика)

Несфатливо македонската политичка гарнитура од власта се служи со поими недефинирани во меѓународната политика, па користи несфатлив меѓународен речник „црвена линија“.

Во меѓународните односи поимот „црвена линија“ не постои.

Во меѓународните односи постои дипломатијата која има свои изградени и признати принципи на постапување.

Еден од тие принципи е т.н. „градење сценарио“, но потребна е дипломатска вештина за спроведеување на овој принцип.

„Градењето сценарио“ опфаќа согледување на неколку аспекти за едно исто прашање, потоа компаративна анализа и добиен резултат за секој од зададените аспекти поединечно, а на крајот донесување на одлука за превземање на политички чекори од значење за државата, за државноста и за сопствените граѓани и зачувување на нивното достоинство.

Истовремено, македонската дипломатија, која целосно го има отстапено прашањето на комисиите составени од историчари, на никаков начин не покажува заинтересираност за решавање на ова прашање, иако истото во целост е во надлежност на дипломатијата.

Во такви услови, македонската дипломатија мора да го наметне ноторниот факт дека ова прашање претставува првенствено и исклучиво билатерално прашање.

Во услови на постоење на билатерално прашање, истото на никаков начин не може да се решава со загрозување на мултилатералните прашања, а какво што е и членството на Република Македонија во европското семејство на држави.

Со други зборови, тоа е недопуштено и негативни импликации од истото може да има само и исклучиво Република Бугарија, која во овој случај воопшто не може да настапува од позиција на сила и од позиција на членка на Европската Унија.

Тоа самото по себе потврдува дека ваквиот став на Република Бугарија има свои корени во внатрешните односи на Бугарија и тоа од краткорочен карактер, најверојатно за добивање на краткорочни аплаузи на внатрешна сцена, но тоа македонската дипломатија мора да го препознае, да го посочи и да побара начин на решавање во меѓународните организации, како што е Советот на Европа, а првенствено телата при Обединатите Нации.

Впрочем, една и од одредбите од Договорот за добрососедство со Република Бугарија, експлицитно потврдува обврска и за двете страни дека во меѓусебните односи ќе соработуваат во рамките на Обединетите Нации.

Наредната одредба од Договорот, а која ја изигрува дипломатијата во целина, претставуваат договорните основи според кои двете договорни страни ќе формираат Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања за да придонесе за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, а заради постигнување на заедничка согласност за заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности. Со тоа завршуваат обврските на комисиите.

Со други зборови, страните апсолутно немаат превземено обврски да ја толкуваат историјата и историските настани и личности заради понатамошно продолжување на дипломатските преговори помеѓу двете страни.

Дополнително, за да може да стане збор за активна улога на дипломатијата, мора да постои можност дипломатијата да има избор помеѓу најмалку две решенија околу едно исто прашање.

Таквото решение мора да биде израз на проценки, желби и слободно изразена волја. Се останато би претставувало исполнување на решение добиено од друг субјект, а кое излегува надвор од рамките на дипломатските активности.

И току тоа се случува во дадениот момент. Имено, иронијата на Меморандумот што го испрати Република Бугарија до земјите членки од ЕУ произлегува од ставот во истиот дека историската вистина за Македонија можела да се утврди единствено од Владата на Република Бугарија.

Од тоа произлегува и иронијата на овој Меморандум, а произлегува и прашањето од кои причини е потребно формирање на комисија за историски прашања во услови кога вистината би можела да се утврди само од ставовите на Владата на едната страна – Владата на Република Бугарија – ?

Од тие причини, целта на дипломатијата претставува, со помош на средствата кои и стојат на располагање, јасно да ги изрази дефинираните национални интереси на Република Македонија, сето тоа од гледна точка на односи помеѓу две суверени земји и национални интереси прифатени од единствената организација во која се прокламираат ваквите интереси – Организацијата на Обединетите Нации.

На такви засновани принципи на дипломатијата, не може ниту да се прифати, ниту воопшто да се разговара за ставови дека во услови да го немавме Гоце Делчев ќе требаше да го измислиме за да ги релативизираме односите со Бугарија.

Такво нешто е неприфатливо, неприфатливо од гледна точка на интересите и чувствата на Македонецот и македонскиот народ, а не само едностраното размислување за очекувањата на другиот.

Во современата правна наука, а која е директно поврзана со човековите права, го издигнува поимот „достоинство“ на највисоката скала на човековите права.

Со тоа, „достоинството“ како едно од највисоките човекови права, налага безусловно прекинување на работата на историските комисии, од причина што Првата Договорна страна – Република Бугарија, недвосмислено сака да ја искористи работата на овие комисии за нешто за кое овие комисии немаат мандат – во ниту една одредба од Договорот за добрососедство не е предвиден услов овие комисии да се произнесуваат за историски прашања кои би биле основа за донесување на политички одлуки поврзани со историјата и делувањето на дејците какви што се и дејците од Илинденското востание. Посебно не за името и делото на Гоце Делчев како еден од најпрепознатливите ликови на македонската историја, опеан и во највисокиот репрезент на државата, а за која Република Бугарија, во досегашните изминати децении, во ниту еден момент нема ставено било каква протестна нота за користење на ликот и името на Гоце Делчев во химната на Македонија. Или, со сосема други зборови, со какви дејствија Бугарија го има оспорено делувањето и дејствувањето на Гоце Делчев до 1903 и во 1903 година во борбата за слобода на Македонија?