Германската канцеларка Ангела Меркел му ја честиташе победата на Џозеф Бајден на претседателските избори во САД. Таа рече дека ЕУ и САД мора да работат заедно за да се справат со предизвиците на современиот свет, особено пандемијата на коронавирусот, климатските промени и тероризмот.
– Целиот свет со посебен интерес ги следи претседателските избори во САД на секои четири години. Американските граѓани го направија својот избор. Искрено му честитам на Џозеф Бајден за изборот за 46. претседател на САД. Бајден ќе придонесе со своето долгогодишно искуство во внатрешната и надворешната политика. Тој добро ги познава Германија и Европа, истакна Меркел, додавајќи дека се сеќава на личните состаноци и преговори со него.
Таа нагласи дека „САД ќе останат најважниот сојузник на Германија и Европа“.
– Ние, Германците и Европејците, знаеме дека во рамки на тоа партнерство, во 21. век, треба да преземеме поголема одговорност. Америка беше и ќе остане наш најважен сојузник, но од нас очекува – и со право – повеќе напори, за да ја гарантираме нашата безбедност и да ги развиваме нашите верувања во светот, изјави германската канцеларка.