Македонското друштво „Илинден“ -Тирана, испрати барање до премиерот на Македонија, Зоран Заев, да се заложи што е можно поитно граничниот премин Џепиште – Требиште, кај Дебар, да биде премин од регионален карактер што ќе функционира 24 часа.
Друштвото потсетува дека преминот Требиште – Џепиште беше отворен во 2013 година и е од локален карактер, со заедничка албанско-македонска полициска контрола, а можат да минуваат само жители на пограничните области на двете земјим и тоа од 8:00 до 20:00 часот во летниот, како и од 8:00 до 18:00 часот во зимскиот период.
-Господине премиере, Владите на Македонија и Албанија, на заедничката седница одржана во Поградец на 15 декември 2017 година, донесоа одлука според која, граничниот премин Џепиште -Требиште требаше да работи 24 часа. Како друштво кое живо се интересира за резултатите од билатералната македонско-албанска соработка, ја поздравивме одлуката. Но, до денес истата не е спроведена. Поради тоа Ве замолуваме да се застапите за реализирање на одлуката, со што ќе се надмине еден голем проблем за Македонците во областа Голо Брдо, стои во барањето.
Се додава и дека поради тоа што граничниот премин работи со ограничено време создава големи проблеми во комуникацијата меѓу Македонците од македонската и Македонците од албанската страна на преминот.
-Доколку се реализира веќе донесената одлука и преминот почне да функционира со 24 часовно работно време многу ќе им се помогне на Македонците од областа Голо Брдо бидејќи ќе се зголеми економската соработка меѓу жителите од двете страни на границата, но и пошироко, со што економски ќе зајакне и ќе се развива оваа област. Воедно, ќе се овозможи и туристи да ја посетат областа Голо Брдо која изобилува со природни убавини, наведува Друштвото во барањето до премиерот Заев.