Рускиот претседател Владимир Путин и лидерите на Ерменија и Азербејџан потпишаа заедничка изјава за прекин на борбите во Нагорно-Карабах, а Путин ги посочи одредбите од договорот и на што се обврзале завојуваните страни.
Потпишаниот договор содржи 11 точки, а првата е дека документот стапува во сила денеска, на полноќ по московско време.
Азербејџан и Ерменија ќе останат на моментните позиции и ќе разменат воени заробеници.
Во Карабах, долж контакт-линијата и коридорот кој ги поврзува Ерменија и Карабах, ќе бидат распоредени руски мировници, вкупно 1.960 лица со лесно оружје, 90 оклопни транспортери и 380 други возила и специјалистичка опрема, е една од точките на договорот.
Предвидено е и сите транспортни јазли да бидат деблокирани.
Руските мировници ќе бидат распоредувани паралелно со повлекувањето на ерменската војска. Рускиот контингент ќе остане во Нагорно-Карабах во следните пет години, што автоматски ќе биде продолжено доколку ниту една од страните во период од шест месеци пред истекувањето на рокот не побара нивно повлекување.
За гарантирање ефикасна примена на договорот, мировниците ќе формираат центар за надгледување дали се почитува прекинот на огнот.
Исто така, Ерменија ќе му го врати регионот Келбаџар на Азербејџан до 15 ноември, а Лачин до 1 декември, додека лачинскиот коридор, широк пет километри, ќе остане во сопственост на Ерменија, со цел да се овозможи врска меѓу Ерменија и Нагорно-Карабах.
Освен тоа, Ерменија до 20 ноември ќе мора да му ги предаде Агдамски и дел од Газахски регион на Азербејџан, кој е моментно под негова контрола.
Според точка 10, бегалците ќе се вратат во своите домови во Нагорно-Карабах, што ќе биде контролирано од високиот претставник на ОН за бегалци.
Сите економски и сообраќајни врски во регионот ќе бидат деблокирани.
Путин изрази надеж дека постигнатиот договор ќе создаде услови за долгорочно решавање на кризата во Нагорно-Карабах во интерес на двата народа.