Дипломатскиот клуб преку соопштение изрази жалење по повод смртта на амбасадорот Ахил Тунтев – нивен член, долгогодишниот дипломат и новинар, колега, пријател, виспрен аналитичар и еден од основоположниците на органите за односи со странство на Македонија.

-Тунтев со својата правна наобразба, со своето политичко искуство остави длабоки траги во креирањето и остварувањето на мирољубивата и конструктивна надворешна политика на државата, како носител на најодговорни функции во органите ангажирани за спроведување на таа политика. Како член на Кабинетот и тесно соработувајќи со првиот претседател на државата, Киро Глигоров, тој даде особен придонес во заземањето на ставови при раздружувањето од поранешната Федерација на Република Македонија и нејзиното етаблирање како самостоен и суверен меѓународен субјект, наведуваат од Дипломатскиот клуб.

Од дипломатскиот клуб потсетуваат дека амбасадорот Тунтев беше и еден од иницијаторите за покренување на македонското дипломатско списание „Дипломатскиот летопис“.

-Ни беше чест со Ахил да соработуваме, да расправаме и да анализираме неброени прашања од надворешната политика и дипломатијата, за нив заедно да оставиме и писмени траги во неколку книги и списанија, а тој беше и еден од иницијаторите за покренување на нашиот „Дипломатски летопис“. Со него ја збогатувавме литературата од оваа област – за идните македонски дипломати да се образуваат и да ги користат искуствата на оваа прва дипломатска генерација на независна Македонија, во чии темели Ахил Тунтев себе целосно се вгрди.Почивај во мир драг колега, стои во соопштението од Дипломатскиот клуб.