Гостиварскиот муфтија и доскорешен вршителот на должноста поглавар на Исламската верска заедница, Шаќир Фетаху од денеска е новиот поглавар на Исламската верска заедница во Македонија. На изборот, што претпладнево се одржа, тој го доби мнозинството гласови (18) од преостанатите муфтии и раководители на верски институции. Негов противкандидат беше тетовскиот муфтија Ќани Несими.
Изборите беа најавени уште минатата недела и ги организираше посебна комисија, по што кандидатите за раководната функција реис ул улема требаше да поднесат кандидатури, а до крајот на рокот, пријавени беа тројца кандидати. На поранешниот имам од Страчинци, Мухарем Емини, не му е верификувана кандидатурата за реис на ИВЗ, бидејќи не ги исполнувал бараните услови според Правилникот за што му биле потребни 10 години работно искуство. Според статутот на ИВЗ поглаварот се избира со гласовите на сите муфтии во земјата и раководителите и директорите на верски институции кои се вкупно дваесет.
Изборот за поглавар на ИВЗ следува шест месеци по разрешувањето на реисот Сулејман Реџепи, кого за време на неговиот мандат го следеа повеќе контроверзи и скандалозни настапи. На 27 мај 2020 година, Ријасетот на Исламската верска заедница на вонреден состанок со двотретинско мнозинство го разреши Реџепи и в.д. поглавар го назначи Фетаху. Претходниот, Реџепи беше избран за Реис на ИВЗ во септември 2006 година и оттогаш е реизбран со мандат од пет години. Дотогаш беше декан на Факултетот за исламски науки.
Улогата и функцијата на реисот според Уставот на ИВЗ, реис ул улема го претставува верското единство на припадниците на исламот.
Дел од поважните надлежностите на реисот се да ја претставува Исламската верска заедница во земјата и во странство; дава мураселе (овластување) за вршење верски работи, назначува декани, директори и наставници на образовни институции на ИВЗ и наставници по предметот вероисповед во јавните училишта, ја организира и надгледува работата на професионалните служби на ИВЗ, ги свикува и претседава со седниците на Ријасетот и се грижи за спроведувањето на неговите одлуки, ги потпишува актите на Ријасетот; ги потпишува актите за вработување во ИВЗ, предлага мерки за развој и унапредување на верскиот живот; има право да спречи извршување одлуки на телата и институциите на ИВЗ доколку утврди дека тие се спротивни на исламските принципи и да ги врати на повторно разгледување, а конечната одлука ја донесува Ријасетот на ИВЗ.
Фетаху е роден во 1959 година гостиварско Форино, верската дејност ја започнува на четиринаесетгодишна возраст. Дипломирал на Факултетот за исламски науки во Сараево, а потоа бил имам, муалим, учител во медресето „Иса Бег“, член на основачкиот совет на Факултетот за исламски науки Скопје, раководител на тела на ИВЗ и Ријасетот. Тој е иницијатор и за формирање на верското училиште за девојчиња во Гостивар, а важи за извонреден толкувач и читач на Куранот. Бил учесник на повеќе национални и меѓународни конференции и симпозиуми. Како автор и публицист има објавено шест книги и над 300 статии објавени во земјата и странство. Фетаху е добитник на повеќе признанија и одликувања од државни и меѓународни институции. Како прв човек на гостиварската муфтинија во изминативе 18 години има значаен придонес во организација на верскиот живот, враќање на имотите и создавање нови услови и установи за подобро организирање на верскиот живот. Од октомври Шаќир еф. Фетаху е член на Светскиот совет на исламските заедници со седиште во Абу Даби во Обединетите Арапски Емирати. Тој е братучед на универзитетскиот професор, Милаим Фетаху поранешен член на АВМУ.