Македонскиот алпинист Георги Петков починал денеска од срцев удар при искачување на Монт Еверест. Како што пишува „Хималајан тајмс“, „63-годишниот алпинист од југоисточна Европа починал додека се обидувал да се искачи на највисоката планина во светот попладнево“.
– Алпинистот Георги Петков од Република Македонија починал над Кампот III на Монт Еверест, откако доживеал срцев удар, при подготовки за искачување на врвот, изјави за „Хималајан тајмс“ Ками Нуру Шерпа, менаџер на базниот логор.
Доктор Георги Петков од Гевгелија беше дел од експедицијата предводена од британскиот планинар и лидер за комерцијална експедиција, Тим Мосејдеј.
На поход во освојување на Монт Еверест Петков тргна на 24 март годинава, а според планот требаше до крајот на месецот да се искачи на врвот и да биде шестиот Македонец што го освоил врвот на светот.
Петков е втор македонски алпинист кој го изгубил живот во поход на највисокиот врв на светот. На 10 мај 1989 година, битолчанецот Димитар Илиевски Мурато, познат како првиот Македонец што ја има освоено највисоката планина во светот, го загуби животот по освојувањето на Монт Еверест, откако не успеал да се врати во базниот логор и официјално се води како изчезнат.