(Акценти од интервју на Гунтер Фелингер, австриски експерт и советник од невладиниот сектор за побрза интеграција на земјите од Балкан во ЕУ и во НАТО. Неговите тези се изнесени во интервју за ТВ Алфа)
Се залагам за брза интеграција на Македонија во ЕУ. Сметам дека најважно од сѐ е да се направат сите реформи во Скопје. Јас ја критикувам Бугарија, бидејќи се обидува да ве блокира, и сметам дека тие всушност сакаат нешто друго од ЕУ, па поради тоа ја држат Македонија во заложништво. Бугарија сака да биде во шенген-зоната, да биде дел од ОЕСР, сака да биде во еврозоната. Бугарија со години настојува да ги реализира своите амбиции, па со таа цел го користи вашиот спор како еден вид оружје.
Бугарите се очајни. Вие можете да бидете критичар на премиерот Борисов, тој е контроверзна фигура, но како премиер на Бугарија, тој сепак се обидува да го направи најдоброто за Бугарите. Со години се обидува да стане дел од шенген-зоната, но ЕУ шест години по ред го одбива, а тој пак упорно се обидува да поврзе сѐ со членството на зоната. Но тоа не му успева. Сега се обидува да ги злоупотреби пристапните преговори на Македонија во ЕУ, за да ја постигне целта додека е премиер на државата. Но јас лично мислам дека треба да се вратиме на најважното, а тоа е членувањето во НАТО за трите земји: Албанија, Македонија и Црна Гора. Тоа е најважно од сѐ. Вашето членство во НАТО покажува дека навистина сте пријатели на Западот и дека сте ги реформирале вашите безбедносни и воени структури. Тоа се земјите-членки на НАТО, кои се сериозни кандидати за членство во ЕУ. Втората најважна работа е валутата. Црна Гора веќе го користи еврото, а тоа е голема предност. Македонија веќе 20 години работи со евра. И тоа е голема предност.
Ситуацијата во Албанија е проблематична. Јас исто така сакам Албанија да започне преговори заедно со Македонија и со Црна Гора. Сакам овие три земји да станат членки на ЕУ во наредните три-четири години. Тоа е најдоброто сценарио. Затоа ви е потребна заедничка платформа со Албанија и со Црна Гора. Исто така треба и да ја надминете бугарската блокада. Треба да соработувате со Германците, Австријците и со Хрватите, за да ви помогнат да го решите со бугарството членството во шенген-зоната. А Германија дефинитивно ќе стори нешто. Тие се обидуваат. Но мислам дека најважните одлуки треба да бидат донесени во Македонија. Вие можете да направите неколку работи. Дозволете ми да сугерирам. Можете да ги промените вашите државни празници што се многу провокативни за Бугарија. Особено 23 октомври, денот на ВМРО. Тоа е многу проблематичен празник, кој неодамна почна да се празнува.
Другиот проблематичен празник е 11 Октомври, кој го славите како ден кога сте ги поразиле Бугарите. Тоа не е многу мудар наратив за една потенцијална современа членка на ЕУ. Би ви предложил тоа да не бидат државни празници, туку да бидат празници на вашите партии, на СДСМ и ВМРО. Нека не се празнуваат како државни празници. Ако ѝ дадете аргументи на Германија и ако покажете малку посмирен став во однос на проблемите со идентитетот, тогаш на г. Хајко Мас и г. Рот ќе им биде полесно да се договорат со Бугарија. Тие секој ден работат на тоа. Знаете дека Меркел неодамна ги покани сите Бугари и Македонци за да пронајдат решение за проблемот. Но вие во Македонија треба малку да го смирите тонот во однос на вашиот идентитет за да им ја олесните работата на Германците што бараат решение за овој проблем.
Проблемот е во тоа што сте мала земја, која сака да се приклучи на голем клуб на земји. Вистина е дека малку е нефер. Вие не сте во позиција да го наметнувате своето мислење во ЕУ, но Бугарија е член на Унијата и таа се смета за сериозна земја-членка од страна на другите партнери. Вие немате големи сојузници. Германија навистина сакаше Хрватска да стане земја-членка на ЕУ во 2013 година. Германците, условно кажано, ја внесоа Хрватска во ЕУ, но вие ја немате поддршката на Грција, Италија, Франција, Германија, Романија. Не постои земја-членка што има голема желба да ве внесе во ЕУ. Вие сте во многу потешка ситуација. Јас сфаќам дека е тешко да не го празнувате 11 Октомври. Но како поинаку ќе го убедите ВМРО да не го слави 23 Октомври? Поради тие чувствителни партиски политики, ќе биде речиси невозможно да не го празнувате 23 Октомври без да се откажете од 11 Октомври. Јасно ми е дека сакате да го празнувате 11 Октомври, но можеби не како државен празник и неработен ден, кој за вас преставува извор на вашиот идентитет. Не гледам друг начин да го решите проблемот, освен да се откажете од празникот. На пример, не можете да се откажете од Гоце Делчев. Не можете да ги промените основите на вашата историја, бидејќи вие во основа имате заедничка историја со Бугарија. Револуцијата на ВМРО и бунтот против Турците се работи од кои не можете да се откажете лесно. Исто така, не можете да правите компромис во врска со јазикот.
Мислам дека не е можно јазикот да не си го нарекувате македонски. Она што можете да го направите, на пример, да го славите Денот на Охрид, 13 Август, или Денот на Преспа, 13 Јуни, на пример тие можете да ги прогласите за државни празници. Тие ќе бидат нови празници поврзани со мирот со Грците и мирот со Бугарите. Втората светска војна одамна е завршена. На пример ние во Европа го славиме 9 Мај како денот кога завршила Втората светска војна. На тој план би можеле да го следите европскиот наратив. Што се крие зад ова? Мислам дека секоја земја што сака да стане членка на ЕУ треба да го изглади своето минато со земјите-членки на ЕУ. Австрискиот случај беше многу комплициран. Австрија во 1995 година влезе во ЕУ како неутрална земја. Хелмут Кол беше оној што нѐ втурна во ЕУ, бидејќи Французите беа против приклучување на неутрална земја во ЕУ. При секој пристапен процес треба да се анализираат односите со соседите.
Од почетокот се знаеше дека бугарско-македонскиот однос е комплициран и треба да се изглади. А Бугарија сега се наоѓа во фрагилна политичка состојба. Господинот Борисов смета дека мала доза на патриотизам ќе ги подобри неговите позиции во државата. Таму со месеци се протестира, економијата не им е сјајна, а кризата со коронавирусот ја влоши целата ситуација. Борисов се служи со доза национализам за да ги зачува својата позиција и моќ. Никој всушност не го цени тоа и никој нема да го поддржи. Треба да размислите кои отстапки можете да ги направите, а кои се работите за кои никогаш не би можеле да преговарате. На пример вашиот јазик. Треба да се подготвите за тие преговори. Ние во ЕУ сме многу рационални и сакаме да ви помогнеме. Дефинитивно ќе бидете дел од ЕУ, не грижете се. Но треба да ни олесните за да ви помогнеме и да ве внесеме.
(Извор: Нова Македонија)