Овие редови немаат за цел никому да му дадат лажна надеж, ниту да му препорачаат начин на лекување. Најмалку пак се совет некој да се откаже од лекувањето на класичната медицина. Ова се редови што можат да послужат само како информација, а одлуката за евентуална примена на тоа што е напишано секој може да си ја донесе врз база на сопственото запознавање со материјата, на сопствена одговорност и во консултација со својот лекар
Дарко ЈАНЕВСКИ
„Мошне често стануваше збор за пациенти што биле отпуштени од болница, каде што им било кажано дека имаат само уште неколку дена живот и дека треба да одат дома за да си ги средат работите. И кај таквите случаи често се постигнуваа многу добри резултати“.
Ова е цитат од една од книгите на германската биохемичарка д-р Јохана Бадвиг. Таа уште во педесеттите години од минатиот век, кога била вработена во германската агенција за одобрување начини на лекување, во текот на своите истражувања забележала дека, без исклучок, кај канцерогените клетки и воопшто во крвта на заболениот човек од канцер има недостиг од некои есенцијални елементи, како фосфатиди и липопротеини. Без овие состојки, клетката на ракот се однесува диво, расте и се размножува без контрола.
УЛОГАТА НА МАСТИТЕ И ПРОТЕИНИТЕ
Д-р Бадвиг на ум веќе го имала истражувањето на друг германски научник од 30-тите години на минатиот век, Ото Вартбург, кој пак докажал дека на болната клетка всушност ѝ недостига и кислород и дека во негово присуство таа не може да опстане.
Продолжувајќи со анализите, д-р Бадвиг пронашла чудна зеленикаво-жолта супстанција во крвта на болниот од рак. Овие сознанија ја одвеле биохемичарката кон натамошни истражувања, што пак довело до откритие што во алтернативната медицина се смета за речиси неверојатно. Имено, постојат стотици алтернативи во лекувањето разни болести, вклучувајќи ги и ракот и артериосклерозата, и за ретко која од нив класичната медицина смета дека не е штетна. Овде станува збор за нешто токму спротивно – овој метод ако не ви помогне, секако не може ни да ви одмогне.
Во секој случај, д-р Бадвиг наскоро открила дека ако го реши недостигот од посочените елементи кај клетките на болниот, во период од околу три месеци, туморот постепено ќе почне да исчезнува. Тоа ќе се случи сеедно во која фаза е туморот, под услов да има доволно време нејзиниот систем да почне да дејствува. Кога во организмот ќе се внесат фосфатидите и липопротеините, чудната жолто-зеленикава течност во крвта постепено станувала здраво црвена, слабоста и анемијата исчезнувале, а животната енергија се враќала. Уште повеќе, д-р Бадвиг утврдила дека се враќа во нормала и дисфункцијата на црниот дроб и дека се ублажуваат и проблемите со дијабетесот.
Во едно интервју во 1998 година, д-р Бадвиг објаснувала: „Некои масни киселини создаваат спротивен електричен пол кон позитивно наелектризираниот протеин во јадрото на клетката. Тие се наоѓаат во мембраната на клетката и се нарекуваат липиди“. Според неа, недостигот од овие масти води до нарушување при делбата на клетката, па таа уште во 1956 година објавила дека кај туморот е присутно делење на клетката без создавање делбено вретено, додека истовремено доаѓа до исчезнување на здравите клетки поради отсуство на електрично исполнетата масна киселина. Д-р Бадвиг сметала дека тоа го оневозможува и користење на фотоните од сончевата енергија, складирани во хранливите состојки како, на пример, во семките од повеќе растенија. Нејзината теза била дека тоа е еден од начините на кои убива и радиоактивното зрачење: ја прекинува основната функција меѓу мастите и протеините за апсорпција на кислород во клетката.
МОШНЕ ЕДНОСТАВНО
Според неа, проблемот се решава со помош на масни киселини што се сметаат за есенцијални, а имаат најмалку 18 јаглеродни атоми во јаглероводородниот синџир. Такви масни киселини содржи маслото од лен, кое не смее да биде загревано или обработувано на начин што ќе доведе до нарушување на синџирот. Токму тука, според д-р Бадвиг, лежи и еден од проблемите на современиот човек: неговата исхрана често е составена од материи што за да имаат поголем рок на траење се обработуваат на начин што не само што ги елиминира од групата здрави продукти, туку од нив создава штетни продукти.
„Во индустриското производство на масти и масла ништо се нема изменето, бидејќи тие носат милијарди долари, а на индустријата никој не ѝ дава ништо за да воведе нешто ново. Тоа е и разбирливо. Заговорниците на хемотерапијата поставуваат поинакво прашање. Нашата хемотерапија се базира на уништување на туморот, но познато е дека таа ги уништува и здравите клетки, па и самиот пациент. Но сѐ што го спречува растот е фатално, зашто растот како основна функција е дел од животниот процес. Не може да се постигне нешто добро со примена на лоши средства“, објаснува д-р Бадвиг.
Таа смета дека рекламирањето на маслиновото масло не е сосема во ред. Според неа, во тоа масло најголем удел има олеинската киселина со синџир од 18 јаглеродни атоми, но организмот на човекот на кој му недостигаат есенцијални масни киселини не може да ја аспорбира олеинската киселина, па маслиновото масло не помага. Најкорисна, вели д-р Бадвиг, е линолната киселина, а неа ја има во ленот. За да функционира како материја што може да ги елиминира болните клетки од организмот, на споменатата киселина ѝ е потребна набиена сулфхидрилна група од протеини. Нивниот спој создава липопротеини што можат да го спасат организмот од туморите. Тоа значи дека ленот и маслото од лен, иако и сами по себе имаат антиканцерогени својства, а можат да помогнат и за спасување на крвните садови што станале тврди и лесно кршливи, не се во состојба самостојно да му помогнат на пациент што веќе е заболен од рак. За да се случи тоа, потребно е маслото од лен да се измеша со младо кравјо сирење, така што би се добила единствена маса. Нивниот спој ги создава потребните елементи и истовремено овозможува нешто што исто така е клучно – пренос на тие елементи до болните клетки.
МОЖЕ И КАКО ПРЕВЕНТИВА
Основниот рецепт е доста едноставен: 125 грама младо кравјо сирење се мешаат со миксер со три супени лажици ленено масло, сѐ додека не се добие маса во која нема да се препознава маслото. Тоа се консумира двапати дневно. Кај голем број пациенти е потребно време на приспособување, бидејќи можно е маслото да предизвика одредени стомачни непријатности. Најдобро е ако се почне со една супена лажица, па како што организмот ќе се привикнува така да се зголемува дозата додека се стигне до три лажици.
Овој рецепт може да се користи како превентива и евентуално кај болните во ран стадиум. Д-р Бадвиг не го претпочита паралелното користење на традиционалната терапија, но постојат сведоштва на луѓе што се излечиле истовремено користејќи хемотерапија и основниот Бадвигов рецепт.
Сепак, само по себе, ова не е доволно. Ова не е „сребрен куршум“што ќе го убие ракот, иако и тоа се случувало. Нејзината програма е многу посложена и опфаќа комплетна диета, особено за болните во подоцнежни стадиуми. Сето тоа таа детално го објаснува во својата книга „Рак, проблем и решение“ и „Маслено-протеински готвач“. Двете книги лесно можат да се најдат на Интернет. Според готвачот, на пример, за појадок може да се ползува следната рецептура: сезонско овошје се меша со две супени лажици мелено ленено семе и со една супена лажица мед, а потоа врз таа смеса се прелива масата добиена со мешање на младото кравјо сирење и лененото масло. Нејзината исхрана се смета и како вистинска помош за зачувување на крвните садови, нешто за што современата медицина навистина нема лек, освен оперативен третман.
НИКАКОВ ЛЕН НЕМА ДА ПОМОГНЕ
„Многу е важно личноста да биде сфатена како целина на тело, душа и дух. Денес се сомневам дека на жена што во лошиот брак постојано се воздржува, а сопругот ја малтретира, може да ѝ се помогне со ленено масло. Во човековиот организам, сите три елементи играат важна улога“, вели Бадвиг во едно свое интервју.
Инаку, таа починала во 2003 година на возраст од 93 години, а во Германија постои центар со нејзиното име.
ШТО МИСЛАТ КАРДИОЛОЗИ И ОНКОЛОЗИ ЗА „БАДВИГ МЕТОДОТ“
Во врска со Бадвиговиот рецепт, пред извесно време разговараме со неколку онколози, но и со лекари чија дејност се крвните садови. Никој од нив немаше сознанија во врска со ова. За лекарите чија област се крвните садови, нивното затнување и крутост и натаму остануваат проблем што не може да се реши. Овој рецепт може да помогне да се санира крутоста на крвните садови, но не повеќе од тоа.
Што се однесува до ракот, многу наши онколози имаат чуено за многу алтернативи, но не и за оваа. Во крајна линија, за традиционалната медицина релевантно е само тоа што поминало низ процедурите на институциите задолжени за ова или барем во некои стручни списанија. Бадвиговиот протокол нема такви референци, а нејзините приврзаници тоа го објаснуваат со борбата што против неа ја повеле моќните индустрии, пред сѐ прехранбената.
Инаку, онколозите во основа се согласни со тоа дека ако пациентот не ја прекине редовната терапија, овој рецепт не би требало да му наштети, но секако препорачуваат консултација на болниот со неговиот лекар пред да почне да го применува.
Самата примена на овој „протокол“ не е сложена, но проблем е што многу луѓе тешко можат да поверуваат дека сирење и лен можат да ги спасат, наспроти милијардите долари што за пронаоѓање лекови секоја година се трошат во светот. Обично, на ваквите едноставни рецептури најчесто се одмавнува со рака. Но тоа е веќе друг проблем.