Ветото на Бугарија не е ништо ново. Имаме уште два дена, кога е состанокот на шефовите на држави и влади во Брисел, но досега нема пробив во разговорите на работните групи на двете МНР-а., изјави шефот на државата Стево Пендаровски.
-Јас не би рекол дека ова е нешто ново. Станува збор за едно вето да го наречам во континуитет. Се разбира никој од нас не очекуваше дека и до крај ќе опстои тоа како вето. Се разбира имаме и уште два дена, јас мислам во четврток во 15 часот по бриселско време почнува состанокот на шефовите на држави и влади, но од она што досега се знае практично пробив нема во тие билатерални разговори кои ги водат работните групи на двете министерства за надворешни работи, изјави претседателот Пендаровски вечерва во гостување на Дневникот на Сител..
Во однос на решението за спорот оценува дека е можно само ако двете страни праќаат „меки пораки“
-Во секој спор, па дури и од најмал калибар ако сакате да успеете и двете страни треба да пуштаат меки пораки. Ако одите со остра или офанзивна реторика како што за жал води бугарската страна со недели и месеци наназад тогаш договор нема да има. Ние, не би требало, и досега мислам не се спуштивме на некое приземно ниво во кое ќе се навредуваме и во кое ќе покажуваме мускули. Меѓутоа, верувајте и во тие рамки ние понудивме се што може да се понуди, а да не се чепка македонското – да не се чепка јазикот или идентитетот затоа што никогаш не сме го чепкале ниту во разговорите со Грција години пред Преспанскиот договор, рече Пендаровски.
Запрашан за тоа што ќе се случува потоа по ветото, ако не се постигне пробив за оваа година, Пендаровски вели дека објективно ќе треба да се чека да завршат изборите во Бугарија закажани на 28 март.
-Јас мислам дека шансите ако сега во наредните 48 саати кои се само теоретски, и ако сега не успееме да направивме пробив и закажеме прва конференција за преговори, јас мислам дека ќе мораме објективно да чекаме да завршат парламентарните избори во Бугарија кои денеска видов дека се закажани за 28 март, претходно не верувам дека кој било од овие политички субјекти кои се инволвирани, тука се два политички субјекти во тековната влада дека би се откажале од ова што им носи поени. Најновите анкети во Бугарија покажуваат дека Партијата на Борисов ГЕРБ има кренато 7 процентни поени во изминативе месец и половина. Можеме да претпоставиме дека најголемиот дел од тоа е заради ова јуначење, не знам како поинаку да го наречам во однос на нашата Република Северна Македонија, а партијата на Каракачанов која е дел од пошироката т.н. обединета коалиција има дупло качено рејтинг. Тие имаа помал, сега се некаде помеѓу 7 и 10 проценти што значи ваквото однесување и тоа како им се исплати. Политичката логика, е дека тие ќе се обидат тоа максимално да го експлоатираат за свој личен и партиски бенефит се до 28 март, оценува претседателот Пендаровски.
Во однос на именувањето на Владо Бучковски за специјален владин претставник во Софија вели, неговите ставови се исти со нашите ставови.
-Значи, станува збор за специјален претставник кој не смее да има свои ставови или различни од државниот врв. Тој е едноставно испорачувачот на пораките на она што државниот врв го мисли и тоа што државниот врв го мисли мислам дека е јасно за секој од нас, не само јас, туку и премиерот Заев и министрите Османи и Димитров, сите имаме практично со мали варијации во изразни средства имаме идентичен став дека постојат црвени линии за кои не се преговара. Се разбира не можеме за тоа ниту да договараме, ниту да потпишуваме на крајот на процесот, рече Пендаровски.
Тој вчера на Бучковски му кажал дека од него како специјален претставник, вели, не на СДСМ, не на Владата, не на Стево Пендаровски, туку на државата, веднаш по серијата средби во рамки на претстојните два дена во Софија од Радев до Захариева, очекува да се врати назад и да го информира него и Владата, односно премиерот, како и лидерот или партиите во опозиција, вели, ако тие сакаат.
На прашањето што е алтернативата, тоа е вели, да пробаме со сопствени сили, со автономни капацитети да се развиеме.
-Јас ви тврдам ако нас не поддржуваа во реформите Франција, Германија и сите други, скандинавски држави, ако не поддржуваат ние за 10-ина години можеме да прерипаме децении. Инаку, ако одиме сами, ние можеби ќе бидеме на тоа ниво но ќе ни требаат 100 години или 80 години, никој нема да дочека. Тоа е борбата за Европа. Во Европа не даваат кеш без работа без пот, не даваат воопшто пари. Ти даваат ум како државата да ја направиш организирана како Германија што е да речеме. Како се организира едно општество, една држава, институции во кои сите ние ќе имаме верба. Нашето ниво на верба во нашите институции е многу мало независно кој е на власт, вели претседателот Стево Пендаровски.