Дарко МИТРЕВСКИ
(Ова е колумната на „великанот“ Дарко Митревски, спасителот на Македонија од Бугарија, херојот на ТВ АЛФА, во која пишува и за Владо Јовановски како командат без муда, како некогаш голем актер на МНТ, чија борба во „За заедничка Македонија“ против обезличувањето на Македонија, кое веќе беше најавено, беше обработување за Грујо)
Ова е животната улога по која ќе го паметам Владо остатокот од животот: командант без муда, застанат на чело на армија од кукавици! Некогаш големиот актер од МНТ одработува за бившиот статист од Драмски театар, ништожни страшливци и едниот и другиот, мажи без муда што праќаат силеџии да тепаат во нивно име.
Вообичаено четврточко претпладне: сонце на балконот, синот во градинка, Хаскер Ду на грамофонот, Стивен Кинг во рацете. Во паузата помеѓу две поглавја дотурам вода и кафе во филтер-кафематот. Декофеинско, се разбира – по строга наредба на доктор Дардашијан од Ју-Си-Ел-Еј Кардиолоџи, кој, загрижен поради мојата дневна консумација на овој црн напиток, учтиво ми објасни дека, доколку не преминам на ди-кеф, наскоро утринските кафиња ќе ги пијам во друштво со Рита Хејворт, удобно сместен на некоја од парцелите на Холивуд Семетери. И ете така, додека чекам тој ди-кеф да се направи – рутински кликнувам на Фејсбук за да видам што има ново по светот… и го здогледувам Владо Јовановски, качен пред собраниската говорница, со крената тупаница и разулавена толпа пред себе.
Многу заедничка километража имаме поминато со тој Владо: се знаеме добри 25 години, од тоа сме работеле цирка дваесетина, а барем во првата декада сме биле и блиски пријатели. Не беше само глумец, туку глумчиште! Добро, сум работел јас со многу глумчишта, но само Владо бил константа: од прво до последно дело. Немало филм да снимам, а Владо да не ми бил пред камера: го играше Евреинот Пепо во „Трето полувреме“, воениот дезертер Трендафил Каранфилов во „Балканкан“, мистичниот Бербер-Пророк во „Збогум на дваесеттиот век“… Сеќавањата одат сè до оној зимски ден кога за првпат професионално застанав зад филмската камера – а Владо беше пред неа. Го снимавме краткиот филм „Ѓавол во срцето“ (дел од студентскиот омнибус „Светлосиво“) во кој Владо го толкуваше ликот на Фидан Домаќин, исфрустрирано Македонче што немоќта ќе си ја лечи така што ќе стане ортак лично со Ѓаволот… Како вчера да беше: јас, пилиштарец на дваесет и една година, со трема во гласот првпат во животот викнав „Акција!“, а Владо почна да го изговара монологот што долги години потоа на шега го повторувавме. Прилично комичен монолог, толку впечатлив што и ден-денешен го паметам секое зборче: седеше Владо алиас Фидан со чашка ракија во рацете, си го гледаше одразот на сопствениот лик во капката алкохол, велејќи си: „Немаш муда, Фидане. Немаш муда, човече! Фидан Домаќин нема муда. Фидан Домаќин муда никс!“.
Бизарно е како ме фаќа смеа од оваа реплика додека на илјадници километри од мене – но на само неколку преградни ѕидови од Владо – варварите на Никола Груевски физички се пресметуваат со неговите политички опоненти. Го слушам Владо, кој од собраниската сала им пее патриотски песни на ѕверовите, можеби истите оние песни што пред дваесетина години јас и тој им ги пеевме на едни девојки од Бордо, Франција. Грлово ми се стега додека во мислите ми се враќа неговиот нежен глас: „Кажи, кажи, либе Стано, што си замислена…“. Тој пееше, јас му терцирав, а млади моми бордовчанки со солзи во очите нè слушаа, растопени ѓоа путер на рингла. Пее Владо и денес, ете ми го на Фејсбук како пее, плачат илјадници луѓе додека го слушаат – ама овојпат не од љубов, туку од очај, мака, гнев… Плачат додека го гледаат како, завиткан во нашите македонски песни и знамиња небаре му се алиби за постапките, стои на барикадите на фашизмот бранејќи ја Македонија од слободата.
Е мој Фидане, Фидане… Немаш муда, Фидане!
Ја испивам првата голтка, преправајќи се дека не забележувам дека не пијам од моето ди-кеф, туку од шољата на сопругата, која себеси си сварила најрегуларно, миризливо, вкусно, штетно и нормално кафе. Вакви филтер-кафиња испивавме со хектолитри со Владо кога бевме во Данска, каде што гостувавме со претставата „Туку така под облака“. Сè беше скапо во хостелот каде што бевме сместени, само кафето беше бадијала – па го пиевме до доцна во ноќта. Пуста македонска хронична беспарица, не може човек да ѝ избега… Се прашувам: дали можеби сиромаштијата го исцрпе? Дали можеби затоа денес е качен пред говорницата – колнејќи се дека ја брани татковината додека всушност си ги брани стекнатите привилегии? Налет и пари и привилегии ако со нив ти ги стегаат мадињата во менгеме… Под услов да имаш мадиња, се разбира.
Арно ама, Фидан Домаќин муда никс.
Нервозно пребарувам по интернет за да дознаам што точно се случува во мојот роден град. Пуштам пораки кај роднини и пријатели, оттаму ми велат: ВМРО прави обид за воведување воена состојба, ги држат пратениците од СДСМ и албанските партии затворени во една сала, не се знае дали живи ќе излезат, додека „оној твојон глумец прави претстава за масите“. Фино ми го плеснаа: оној мојон глумец. И професионално и приватно мој. Никој друг како Владо не умеел така да ги изговори репликите што јас ги пишував. Во „Досие Скопје“ ми ја водеше рубриката „Скопски гробови“, раскажувајќи ги моите приказни за познатите и непознатите починати скопјани. Таа улога ја репризираше цела деценија подоцна, кога на моја молба одржа говор на погребот на татко ми, раскажувајќи ја од мене напишаната приказна за мојот починат родител. И на филмското платно, и на телевизиските екрани, и во нашите животи – гласот на Владо бил тој што ги изговарал моите најинтимни мисли. Во него ги исклесав моите соништа, онака како што секој автор си се отсликува во своите дела, како скулптор што би исклесал идеализирана слика за самиот себеси во ликот и телото на својата голомадеста скулптура.
Со една мала разлика – Фидан Домаќин нема муда.
Ќе можам ли пак со исти очи да си го гледам тоа што сум го сработил? Ќе можам ли да му ги пуштам тие визуелни записи на син ми кога ќе порасне? Ќе умеам ли да се смеам на комичните реплики на Владо – а притоа да не помислам на крвавите лица на Заев и Села додека гледаат во крволочните лица на своите џелати, „патриотските јунаци“ што Владо ги поведе во јуриш против народните избраници. Апла јунаци, и тие и тој – тргнале со ножеви и стапови да тепаат невооружени луѓе, да тегнат за коса жени, да шутираат човечко месо… Ете, тоа е животната улога по која ќе го паметам Владо остатокот од животот: командант без муда, застанат на чело на армија од кукавици! Некогаш големиот актер од МНТ одработува за бившиот статист од Драмски театар, ништожни страшливци и едниот и другиот, мажи без муда што праќаат силеџии да тепаат во нивно име. „Никогаш јас не сум повикувал на насилство!“, вели едниот, кој само пред неколку месеци се закани дека нему лојалниот „народ“ ќе ги крене на клоци неговите политички противници. „Не сум се заканувал со војна!“, до пред некоја недела се бранеше другиот, за денес да биде на чело на оние што сакаат да запалат воен пожар во сопствениот двор. Барем да имаа храброст да си застанат зад зборовите, барем да имаа муда самите да кренат рака и да удрат – наместо што пуштаат други да тепаат за нив додека едниов пее, а другиот се правда.
Немате муда, Фидане! Ни ти ни тој. И такви, без трошка ташаци – но полни со зла и луда мисла, ќе влезете во историјата. Во колективната меморија на народот што (во тоа не се сомневам) го сакаш до лудило, ќе останеш запаметен не по улогите што јас ти ги режирав, туку по оваа еднава што сам си ја додели. И тури ѝ пепел на таа уметност, Домаќине, надживеана од срамот.
Си варам ново кафе, овојпат кофеинско како што е ред, нека се носи во сто мили мачки питерини угледниот доктор Дардашијан! Подобро мртов да се дружам со Рита Хејворт отколку жив со вакви глумци… Мои глумци. Дел од мојот живот. Од мојата младост. Од мојата биографија. Од мојот град. Од мојот народ. Мои пријатели.
И додека ја испивам шестата шоља по ред, ми доаѓа цел бокал да си го истурам врз глава, да си го попарам мозокот со врелата течност, како со солна киселина да ја спржам секоја убава мисла, секое драго сеќавање, секој прекрасен спомен на мојот кастриран Фидан.