Ја цениме принципиелната поддршка од страна на Унгарија и нивната јасна позиција за старт на преговорите на РС Македонија со Европската Унија без никакво одложување, истакна шефот на дипломатијата Бујар Османи на средба во Будимпешта со неговиот унгарски колега Петер Сијарто.
На средбата, како што соопшти МНР, беше разговарано за последните актуелности во ЕУ поврзани со европските интеграции на Македонија, како и темите поврзани со меѓусебната соработка, развојот на билатералните односи, со посебен акцент на потенцијалите за унапредување на економската соработка.
-Како непосреден сосед на регионот, особено ја цениме принципиелната поддршка од страна на Унгарија и нивната јасна позиција за старт на преговорите на РС Македонија со Европската Унија без никакво одложување. Вчерашните одлуки во Брисел и неуспехот на Унијата и во последниот обид на германското претседателство да оформи консензус за преговарачката рамка не се во оваа насока, и дозволете да констатирам дека, тоа се доживува со длабоко разочарување во С. Македонија, истакна Османи.
Тој го посочи фактот што 26 земји – членки ја потврдија подготвеноста на земјата за почеток на преговорите, како признание и за реформскиот напредок, и за позитивниот пристап во добрососедските односи.
-Во вчерашните заклучоци на ЕУ се вели дека земјите – кандидати треба да сторат сѐ за да стават крај на неправилната интерпретација на историјата. Се согласувам, но сметам дека ‘Слонот во собата’ е повеќе како да се спречи неправилната интерпретација на сегашноста и на иднината“, истакна Османи, посочувајќи на Договорот за распоредување на силите на Фронтекс кој стои заглавен во телата на Унијата, токму поради противењето на Бугарија да прифати да ја признае сегашноста.
Во оваа насока, министерот посочи дека овој предизвик Македонија го има премостено преку билатерални договори со земјите – членки на ЕУ, што дополнително говори за автентичниот европски курс на земјата.
-Благодарност за придонесот и активниот ангажман на унгарските полициски сили, кои им даваат драгоцена помош на своите колеги од С. Македонија при надзорот на нашата јужна граница. Во рамките на оваа поддршка, досега на ротација во нашата земја беа вкупно 55 контингенти, или преку илјада и петстотини (1.598) унгарски полицајци, истакна Османи, упатувајќи притоа балагодарност и за значајната хуманитарна помош од страна на Унгарија, како дел од мерките за успешно справување со последиците од пандемијата со Ковид-19.
Двајцата министри се осврнаа и на традиционално блиските билатерални односи меѓу Македонија и Унгарија зајакнати од март ова година во духот на евроатлантското партнерство и сојузништво.
На состанокот кој од соговорниците беше оценет како исклучително продуктивен, покрај бројните теми, беа потпишани и два документи меѓу двете држави: едниот за соработка во областа на високото образование и науката; а вториот, за соработка во делот на дипломатските обуки меѓу двете Министерства за надворешни работи.
За време на престојот во Будимпешта, Османи ќе оствари средба и со советниците за надворешна политика на унгарскиот премиер, Виктор Орбан – Јанош Бала и Јанош Мате.
Посетата на Унгарија претставува дел од мини–турнеја на министерот за посета на земјите–членки на ЕУ дел од поширокото соседството на Западниот Балкан. Во рамки на турнејата Османи веќе оствари посета на Чешка и Романија, а мини – турнејата на поширокиот регион завршува на 21 декември со посета на Виена.