Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска најави дека многу скоро ќе биде распишан оглас за најмалку 500 нови полициски службеници.
– Имаме обука што траеше и требаше да биде завршена до крајот на годината, но заради тоа што беше прекината продолжува до март, а од март ќе ни треба нова група на кандидати кои ќе тргнат на обука за полициски службеници, врз основа на потребите што ги има МВР во наредниот период ќе се распише тој оглас за најмалку 500 нови полициски службеници, информира Спасовски на денешната прес-конференција на која говореше за она што е сработено во МВР во изминатите 100 дена.
Прашан за именувањето на Филип Андов за директорот на КПД Затвор Скопје, министерот Спасовски потенцира дека тоа не е надлежност на министерот за внатрешни работи, ниту е надлежност на МВР.
– Тоа е исклучиво во надлежност на Владата на РСМ и затоа ќе мора сите информации кои ви се потребни да ги побарате од Владата. Инаку, јас не сум член на Комисија за избори и именување во Владата во овој мандат, одговори Спасовски.
На барање на новинарите да одговори на кој начин се бираат овие директори, Спасовски појасни дека заседава Комисија за именувања, дава предлог до Владата, а Владата одлучува.
Упати сите прашања во однос на кој било именуван функционер од страна на Владата да се бараат од вадините портпароли.