САД вчера воведоа дополнителни визни ограничувања на кинеските власти заради наводни кршења на човековите права, преземајќи натамошни активности против Пекинг во последниот месец од мандатот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Новите ограничувања се однесуваат на сите „претставници на кинеската Комунистичка партија вклучени во такви репресивни активности, без разлика каде се наоѓаат“, се наведува во изјавата на американскиот министер за надворешни работи Мајк Помпео.
Помпео додаде дека ограничувањата се однесуваат на сите службеници за кои се верува дека се одговорни или соучесници во борбата против религиозните и етнички малцински групи, неистомисленици и други.
“Кинеските авторитарни владетели воведуваат драконски ограничувања на слободата на изразување, религијата или верувањето, здружувањето и правото на мирно собирање на кинескиот народ. САД јасно ставија до знаење дека сторителите на ваквите повреди на човековите права не се добредојдени во нашата земја”, се наведува во соопштението.
Дури и членови на семејството на кинески официјални лица опфатени со санкциите нема да можат да добијат американски визи.