Единствена цел на овие избрзани реформи во образованието е предметот историја да се избрише од наставната програма за основното образование, потенцира претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, Љупчо Коцарев, во интервјуто со Љупчо Цветановски во емисијата „Што не е јасно“. Ако македонскиот јазик се зборува со векови, во и надвор од територијата на нашата држава, тогаш нам ни треба и македонската историја, порачува академик Коцарев и порачува дека таа треба да се учи во сите девет одделенија од основното образование.
Во 2021 година, неопходно е МАНУ да организира научна расправа за Спогодбата од Преспа 2018, на која научно и аргументирано ќе се зборува за нејзиното значење и импликациите врз иднината на Македонија, вели првиот човек на МАНУ, кој коментирајќи го однесувањето на Бугарија и не/реакцијата на македонските власти порача дека Владата мора да ги почитува сознанијата на науката и не смее во овие преговори да оди надвор од овие рамки.
Цветановски: Помина една година како сте претседател на МАНУ. Како ќе ја оцените работата на МАНУ во изминатата година, една навистина тешка година за Македонија, одговоривте ли на задачите и предизвиците?
Академик Коцарев: При мојот избор за Претседател на МАНУ предложив програма за работата на МАНУ во неколку точки, па сега, тука, за реализацијата на некои од тие точки ќе се осврнам накусо.
Прво, во измината година (тоа ќе го правам и во сите наредни години) се залагав за целосна независност на Академијата, за целосна слобода на научното и уметничкото творештво, за подобрување на институционалниот капацитет на Академијата, и за поефикасно извршување на нејзината основна дејност.
Второ, воден од идејата дека Академијата, заедно со нејзините центри, треба, колку што е можно повеќе, да ги поддржуваат, применуваат и јакнат апликативните аспекти на научните истражувања, се залагав за подобрување и зголемување на советодавна функција на МАНУ. Во измината година, издавачката дејност на МАНУ беше импресивна, но, тука ќе спомнам само три нејзини колективни изданија: четирите книги за македонскиот јазик, книгата за македонската историја и книгата во која се поместени истражувачките активности на МАНУ за справување со пандемијата од ковид-19.
Трето, делував на зголемување на репутацијата на МАНУ, на нејзината препознатливост како водечка научна и уметничка институција во земјата (многу индикатори покажуваат дека Академијата е, де факто, водечка институција во земјата). Во изминатата година, членовите на МАНУ, поединечно, одделенијата на МАНУ, но и претседателството на МАНУ излегоа со ставови за сите актуелни теми. Позитивните реакции на граѓаните, интелектуалците, но и институциите, во и надвор од државата, беа едногласни дека МАНУ станува водечка институција во научно издржано водење и рамка водилка за правилен развој на една демократска и напредна земја. Што се однесува до моите активности, во првата година од моето раководење со МАНУ, дадов повеќе од десетина интервјуа (за телевизии, весници, и портали), и напишав повеќе од дваесетина колумни/есеи за различни актуелни теми. Активно учествував во пишувањето на Промеморија за државотворноста и идентитетот на македонскиот народ, Македонскиот манифест, и ставовите на МАНУ во врска со реформите во образованието. Но, не ја заборавив ни научната работа: во изминатата година, коавтор сум на еден патент со важење во САД и пошироко, и повеќе од петнаесетина труда објавени во врвни списанија со фактор на влијание.
Четврто, во изминатата година беа завршени некои активности поврзани со процесот на подмладување на Академијата, со промена на изборниот модел, со изградбата на јасни критериуми за членство во МАНУ, кои мора да бидат диференцирани, во зависност од карактерот и од природата на научните и уметничките области, водејќи сметка за тоа кои области се застапени во Академијата.
На крај, би сакал да подвлечам дека дури тројца академици на МАНУ оваа година од страна на Универзитетот на Стенфорд, беа вклучени во листата на 2% највлијателни и најцитирани научници на целата планета и тоа само за тековната 2020 година. Тоа зборува за исклучителната научна сила на МАНУ и за репутацијата на МАНУ во светот на науката и уметноста на глобално ниво.
Да резимирам, мислам дека работата на МАНУ во 2020 година беше исклучително успешна.
Цветановски: Факт е дека МАНУ 2019-та и МАНУ 2020 се неспоредливи, го привлековте вниманието на јавноста и ако смеам да искоментирам, ја вративте МАНУ на местото каде припаѓа. Спомнавте за трите колективни изданија. Моќни, македонски акти. Можете ли нешто повеќе да кажете за нив?
Академик Коцарев: Пред да одговорам на прашањето, би сакал да подвлечам дека првите две изданија за кои ќе проговорам (сосема накусо овде) треба да се сметаат за дел од континуитетот на македонската историска, лингвистичка, хуманистичка, и културолошка научна мисла. За овој континуитет, овде ќе спомнам само едно издание од периодот од осамостојувањето на Република Македонија. Станува збор за колективното издание на МАНУ од 1993 година, Македонија и односите со Грција, уредено од академиците Георги Старделов, Цветан Грозданов и Блаже Ристовски, во коешто се објавени текстови посветени на политичката историја, државноста, јазикот, црквата и културата на Македонија. Така изданијата во 2020 за кои накусо ќе се осврнам сега се дел од тој континуитет во којшто се вкрстува историската стварност со научната мисла. Би сакал уште еднаш да го подвлечам фактот дека и во минатото, како и тековно, низ редовните научно-истражувачки проекти на МАНУ, на Лексикографскиот центар на МАНУ, Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ и Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ на МАНУ, се реализирани бројни значајни проекти посветени на македонскиот јазикот, и историјата, културата и уметноста на Македонија.
Кои се тие три колективни изданија?
Прво, во јули 2020 година, во МАНУ, со целосна поддршка и вклученост на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Советот за македонски јазик, од печат излегоа четири книги: „Македонскиот јазик – континуитет во простор и време“, колективна монографија во којашто е даден синтетски преглед на историскиот развој на македонскиот јазик од IX век, па сè до неговата кодификација; „Погледи за македонскиот јазик“, меѓународен зборник на трудови во којшто над 40 странски и македонски лингвисти имаат свои прилози за различни аспекти на македонскиот јазик; „Македонска хрестоматија“, избор на позначајни македонски текстови од IX до XX век; и „Лингвистички атлас на македонските дијалекти (според материјалите на ОЛА)“ кој дава продлабочен увид во лексичкото богатство на македонските дијалекти. Во споменатите четири книги, на повеќе од 1400 страници, ќе најдете доволно научни аргументи за македонскиот јазик, неговата посебност, и неговиот развој од IX век до денес. Овие книги се поставени во дигитална форма на главната страница на МАНУ и се достапни до сите.
Второ, деновиве, треба да излезе од печат научно и современо колективно издание со наслов „Огледи за историјата на Македонија и македонската култура“. Во книгата, во соработка со Филозофскиот факултет, Институтот за национална историја, Институтот за македонска книжевност и институтот за фолклор „Марко Цепенков“, се поместени повеќе труда од областа на историјата, историскиот дел на книжевната наука, историјата на уметноста, археологијата, класичните студии, фолклористиката, културното наследство на територијата на Македонија и др. Книгата содржи неколку циклуси со текстови, вклучувајќи: 1) политичка историја на разните облици на државност на територијата на Македонија; 2) историјата на македонското револуционерно движење; 3) културната историја на Македонија и македонскиот народ (неговата писменост, уметност, книжевност и културен идентитет); и 4) историјата на македонското црковно прашање со посебен осврт врз улогата на Охридската архиепископија и на Македонската православна црква како парадигми на христијанската и православната црковност на подрачјето на Македонија. Овие четири циклуси се основаната оска според којашто се распоредени добиените прилози, иако некои од нив имаат двојна тематска припадност.
Трето, деновиве, од печат треба да излезе книгата во која се поместени истражувачките активности на МАНУ за справување со пандемијата од ковид-19. Претседателството на МАНУ, на 512. седница, одржана на 13 април 2020 година, упати соопштение до јавноста за научен осврт и анализа на состојбите во врска со пандемијата од ковид-19, во согласност со општествената одговорност на МАНУ, а заради обезбедување соодветен научен придонес во институционалните напори за справување со оваа пандемија. МАНУ, по предлог на Одделението за медицински науки и на Одделението за општествени науки, упати до Владата предлози со конкретни мерки за справување со последиците од кризата во јавното здравство и во економијата.
Темите на истражувањата поврзани со пандемијата од ковид-19, кои се работат со користење холистички пристап, интегрирајќи ги природните, техничките, општествените и хуманистичките науки, вклучуваат: (1) биомедицински истражувања (со посебен осврт на секвенционирањето на целиот геном на селектирана група вируси, изолирани од различни пациенти заради утврдување на различните поттипови присутни во нашата популација); (2) економски истражувања (со посебен осврт на монетарните политики и на осигурувањето на стабилноста на македонскиот финансиски систем, и на фискалните политики во времето на глобалната пандемија и нејзините влијанија во Македонија); (3) истражувања во врска со ширењето на вирусот ковид-19 и влијанието на нефармацевтските интервенции во Македонија; (4) истражувања поврзани со геополитичките, општествените и економските последици од пандемијата од ковид-19.
Цветановски: Во светло на односите меѓу Скопје и Софија, што мислите, на крајот од 2020 година, каков е тој однос? И кој е придонесот на МАНУ во овие односи?
Академик Коцарев: Што се однесува до македонскиот јазик, мислам и се надевам дека државната политика за македонскиот јазик, во иднина ќе се води исклучиво почитувајќи ја науката. Државната политика е должна да ги почитува сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки, современата светска славистика, современата светска историска наука, и меѓународното право, според коишто македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат и просторен континуитет (македонските дијалекти постојат и надвор од границата на денешна Македонија) и временски континуитет (македонскиот јазик опстојувал повеќе стотици години). Со други зборови, мислам и се надевам, дека за носителите на одлуки (политичарите), прашањето за македонскиот јазик е целосно затворено: Македонците, посебен народ со повеќевековна традиција, зборуваат, творат, се радуваат и тагуваат на македонски јазик, веќе со векови, во и надвор од територијата на нашата држава.
Земајќи предвид дека, прво, процесот на формирањето на македонскиот народ и македонската нација не е ништо поразличен од другите балкански народи и нации; тој процес не е, и не може да биде последица на административен акт; и, второ, создавањето на македонската држава е резултат на долготрајната борба на македонскиот народ и другите етнички заедници, преточена во антифашистичката војна и поставена врз антифашистички начела, би сакал уште еднаш во оваа емисија да ја потенцирам важноста и клучниот придонес на МАНУ од неговото основање до денешни дни, а посебно на Промеморијата на МАНУ од 15 ноември 2020 година.
Поврзано со Промеморијата на МАНУ, би сакал да проговорам и за документот насловен како Македонски манифест. Македонскиот манифест е резултат на соработка меѓу три лица, претседателот на МАНУ, поглаварот на МПЦ, и ректорот на УКИМ. Македонскиот манифест не е документ на МАНУ и, според тоа, е логично да не е поминат низ органите на МАНУ. Но, имајќи предвид дека, всушност, станува збор за сублимиран текст од Промеморијата на МАНУ, едногласно усвоена на Претседателството на МАНУ и објавена во јавноста на 15 ноември 2020 година, учеството на претседателот на МАНУ во Македонскиот манифест, во согласност со неговите статутарни права, всушност, е гест на достоинствено претставување на содржината на Промеморијата на МАНУ. Од друга страна, сакам да нагласам дека секуларност е принцип на одвојување на владините институции, како и личностите одредени да ја претставуваат државата, од религиските институции и религиските достоинственици. МАНУ, де јуре не е дел од органите на државната управа и не е дел од владините институции, а претседателот ја претставува единствено Академијата, која де факто не е и никогаш нема да биде владина институција.
Што се однесува до македонската историја и заедничкото чествување би сакал да напоменам неколку работи.
Христијанските просветители и мисионери Кирил и Методиј, или светите Климент и Наум, се сесловенски просветители, тие се духовни лица, на кои не може да им дадете националност и да ги присвоите. Тие дејствувале во одредени држави, во Византија, во Моравија и во бугарското средновековно кнежество, меѓутоа, тоа не ги прави ниту Бугари, ниту Грци, ниту Македонци во современа смисла. Браќата Кирил и Методиј се почитувани во Источната православна црква како светци со титулата еднакви со апостолите. Не само нивната национална, туку и нивната дипломатска, мисионерска и верска припадност не познава конвенционални граници и не подлежи на локални етнички присвојувања. Затоа, денот на светите браќа Кирил и Методиј 24 Мај, треба да го одбележуваат повеќе држави, не само Македонија и Бугарија, туку сите словенски држави и народи. Заедничките чествувања се европски и цивилизациски придобивки, па затоа треба да се прават врз еднаква основа, со почитување на различните перцепции и без наметнување на сопствениот наратив врз наративот на другиот, и без повреда на достоинството на Македонците со условувања и уцени.
Повеќе децениските истражувања на академик Цветан Грозданов и д-р Сашо Цветковски, покажаа дека најголемиот број на икони и фрески со портретите на св. Климент и св. Наум се наоѓаат во Македонија, помал број во Грција, Костур и Верија, во Албанија околу Корча и Москополе, како и во Србија во деловите кои низ историјата влегувале во границите на Охридската архиепископија. Од друга страна, во Бугарија не се откриени сликани претстави на св. Климент, св. Наум, и св. Јован Владимир, од средновековниот период (X-XV век) и од периодот на доцниот среден век (XVI-XVIII век). Се’ до 19 век во Бугарија, св. Климент и св. Наум, авторите на кирилицата, не се славени, сликани во црквите, тие не биле сметани за свои патрони и заштитници, па дотолку повеќе е апсурдно што официјалната бугарска политика од изминатиов период ја присвојува традицијата која воопшто не била прифатена кај нив. Средината која ги сметала за свои и во која се почитувале и славеле нивните култови ги сликала во црквите, и ги сметала за свои патрони, заштитници и покровители. Тие станале дел од традицијата и културниот идентитет на таа средина и народ. Со други зборови, св. Климент и св. Наум се извори на македонската традиција и македонскиот идентитет.
Цветановски: 2020-та минува, на национален, здравствен, економски план и не е некоја година за паметење. Следува новата година, која има единица во себе, симболизира почеток, нов старт. Кои активности во МАНУ се предвидуваат за 2021?
Академик Коцарев: МАНУ веќе има бројни активности зацртани за 2021 година и јас не можам да ги набројам сите. Ќе спомнам пет: (1) одбележувањето на стогодишницата од раѓањето на Блаже Конески, (2) одбележувањето на 119. роденден на МАНУ, (3) научен проект за македонската економија, (4) научна расправа за Спогодбата од Преспа 2018, и (5) научна расправа за Концепцијата за основно образование.
Што се однесува до одбележувањето на стогодишницата од раѓањето на Блаже Конески, еден од кодификаторите на македонскиот јазик и прв претседател на МАНУ, предвидени се повеќе активности, меѓу кои ги издвојувам: (1) свечена седница на МАНУ на којашто ќе бидат доделени два медали „Блаже Конески“, признание на МАНУ за особен придонес за развојот на македонската култура, уметност и наука, (2) Свечен собир на МАНУ посветен на животот и делото на академик БЛАЖЕ КОНЕСКИ (1921-1993), настан на кој ќе учествуваат Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. На овој Свечен собир, ќе бидат промовирани седумте нови тома (од 6 – 12 том) подготвени во рамки на научно-истражувачкиот Проект на МАНУ „Критичко издание на целокупните дела на Блаже Конески“, во реализација на Одделението за лингвистика и литературна наука – МАНУ, издание на МАНУ.
Што се однесува до одбележувањето на 119. роденден на МАНУ, би сакал да напоменам дека на 28 октомври 1902 година е формирано Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург, настан кој симболично го означува почетокот на македонската современа научна мисла. Така, во 2020 година го прославивме, на 9 октомври, 53. роденден на МАНУ, но предлагам, според практиката воспоставена во САНУ и БАН, веќе од наредната година, значи во 2021 година, на 28 октомври да го одбележиме 119. роденден на МАНУ. Македонската научна мисла е постара од македонската современа држава, а МАНУ е соодветен репрезент на таа традиција.
Во 2021 година, неопходно е МАНУ, по втор пат, да организира научна расправа за Спогодбата од Преспа 2018, на која научно и аргументирано ќе се зборува за нејзиното значење и импликациите врз иднината на Македонија. Сведоци сме дека, многу брзо, Спогодбата од Преспа прерасна во извор на регионална дестабилизација, за што мора да се проговори отворено и со научни аргументи. За Спогодбата од Преспа веќе сум пишувал и говорел на ТВ алфа. Ако не е спорен македонскиот идентитет и македонската етничка припадност, а не е според, тогаш дали Спогодбата од Преспа (веќе) доведе до истребување, лишување на македонската националност? Дали со Спогодбата е доведен во прашање суверенитетот на нашата држава? Ова се само мал дел од прашањата за коишто МАНУ треба и мора да понуди научна и аргументирана анализа, водејќи сметка за достоинственото на сите, вклучувајќи ги и Македонците.
Во 2021 година, МАНУ и Стопанската комора на Македонија ќе работат на предизвиците на македонската економија водејќи сметка за клучните трендови и политики, со кои веројатно ќе бидат соочени Светот, Европа и Македонија во наредните 10 години. Посебно внимание ќе посветиме на реформите на основното образование, преточени во најновата Концепцијата за основно образование.
Цветановски: Крајот на годината го одбележа министерката Царовска и невообичаено итната „потреба“ од брзи реформи во образованието, голема и нагла промена. Што мислите за овие најавни реформи во образованието и начинот на кој тие се спроведуваат?
Академик Коцарев: МАНУ треба да даде критичка анализа на Концепцијата за основно образование. Фактот дека тоа треба да се направи до крајот на јануари 2021, во краток рок, нетранспарентно, за време на празници и без вистинска јавна дебата, како и без вклучување на клучните релевантни научни и наставни институции во земјава, кои веќе се изјаснија против оваа концепција, уште еднаш покажува дека односот на политичарите спрема образованието, што не е првпат, не е само несериозен, туку деструктивен и понижувачки. Сите јавни дебати се веќе завршени. „Сега е моментот за имплементација, веќе влегуваме во имплементација“. Така одговараат од ресорното министерство, но како претседател на највисоката научна и уметничка институција во земјава, уверувам дека е погрешно реформите во образованието да се носат преку ноќ.
Во една од најсиромашните држави во Европа, се предлага концепција којашто не постои во ниту една друга држава, вклучувајќи ги и најнапредните образовни земји во светот. Според концепцијата во основното образование треба да не се изучуваат посебно предметите физика, хемија, и биологија, кои, од една страна, се основа за применетите науки, кои, од друга страна, се фундаменти на континуираниот, инклузивен, и одржлив економски раст во било која држава, па така и Македонија. Така, во една од најсиромашните држави во Европа, во која социјалниот и општествениот статус на учителите е многу низок, се предлага концепција, која можеби ќе има несогледливи последици врз македонската економија, но сигурно ќе доведе до целосно обезличување на професијата учител. Ашколсун.
Образованието не треба да се сфати само како ефикасно или неефикасно средство за едукација на учениците или постигнување на националните образовни цели. Напротив, реформите во образованието требат да бидат сместени во пошироките економски, политички и културни рамки, состојби и процеси. За разлика од технократските и инструментални пристапи, прогресивните, демократските и критички настроените образовни системи воспоставуваат релации меѓу природните науки, техничките науки и математиката, од една страна, и општествените и хуманистички науки, вклучувајќи етиката, и морал, од друга страна. Образовните системи се комплексни системи во кои реформите треба да се прават внимателно, водејќи сметка не само за определениот степен на општествен развој во земјата, туку и за образовните системи во соседството и пошироко во светот.
Во моето научно портфолио имам објавени трудови (во реномирани списанија со фактор на влијание) од сите три области: физика, хемија, и биологија. Мислам, сепак, дека не би се осмелил да го предавам предметот: Природни науки, како што е замислен во предложената Концепција. Или барем би бил претпазлив. „Сето ова се прави со цел да можеме да го постигнеме, да го извлечеме максималниот потенцијал од секој ученик, а со тоа понатаму и да го употребиме тој максимален потенцијал во општеството“. Но, наместо тоа, се добива спротивниот ефект, потполно уништување на образованието, со несогледливи последици врз македонската економија.
Зошто се прави тоа? Зошто во една од најсиромашните држави во Европа, се предлагаат радикални реформи во образованието, наместо постепени? Зошто не се почека реформите што се предлагаат прво да се направат во другите, поразвиени општества и економии, па потоа, согледувајќи го сите позитивни и негативни аспекти од реформите, тие да се прилагодат за Македонија? Што мислите кој е одговорот на ова прашање?
Одговорот се чини дека е едноставен: единствена цел е да се избрише од наставната програма за основното образование предметот: историја. Никој не е против пишување на нови учебници по историја и воведување на нови наставни методи и алатки за усвојување на историските содржини. Но, не само во Македонија. Меѓутоа, да се избрише предметот историја во овој момент, и, при тоа, да се заборави местото и улогата на предметот историја во воспитно-образовниот процес на младите генерации во европски и меѓународни рамки и важноста на историската свест на современите генерации за историското минато и за политичката и културната историја на Македонија, е навистина непотребно. Историските процеси се законити, па токму затоа треба да бидат предмет на систематско научно проучување и да претставуваат посебно наставно подрачје на образовниот процес од најрана возраст. Од друга страна, познавањето на историското минато е услов за спознавање на современата стварност и за одредување на стратегиите на развојот на секоја нација и држава, но и на одделните индивидуи. Па затоа, за доброто на Македонија, за нејзината иднина, реформите на основното образование што се предлагаат сега треба веднаш да се стопираат.
Каде одиме? Quo vadis? На тоа прашање, Исус одговорил Одам во Рим за повторно да бидам распнат. За да ние не бидеме “распнати”, нас ни треба образование, добро образование, во кое реформите ќе бидат транспарентни, постепени, и ќе водат сметка за целиот образовен систем. Ова што сега се предлага сега нема многу смисла и е избрзано.
Цветановски: 2020-та беше лоша економска година за Македонија, 53 илјади загубени работни места, лоша како и за остатокот на светот. Што мислите, кон што треба да се насочи, да се фокусира Македонија за економски подобра 2021-ва година?
Академик Коцарев: Клучно прашање е каква сакаме да биде македонската економија неколку децении подоцна во иднината. Но, одговорот, на ова прашање, ќе зависи од многу фактори, вклучувајќи го климатските промени, демографијата, урбанизацијата, глобализацијата и геополитиката. За креирање на економски политики, нас ни треба вистински попис на населението, не попис кој ќе биде политички обременет.
На 24 декември 2020 година, МАНУ и Стопанската комора на Македонија, потпишаа Меморандум за соработка меѓу двете институции, со што ги формализира планираните цели од заеднички интерес. Веќе во месец јануари двете институции ќе го анализираат моделот на пазарна економија во Македонија. Каде сакаме да биде македонската економија во 2030 година? Кои се клучните цели и кои структурни промени треба да се направат до 2030 година? Кои реформи во образованието и во науката ќе обезбедат континуиран, инклузивен и одржлив економски раст? Тоа се дел од прашањата на кои МАНУ и Стопанската комора треба да понудат одговори. Одговорите на овие прашања, бараат висок степен на инклузивност и консензуалност во процесот на одлучување, бидејќи на тој начин се постигнува општествена кохезија и за тоа клучна улога можат да одиграат МАНУ и Стопанската комора на Македонија. Од друга страна, развојот на македонската економија ќе зависи и од влијанијата на други фактори: промените на распределбата на моќта, предизвиците во глобалното владеење, промените на економските модели, промените во структурата на општествата, спротивставените демографски мотиви, и растечките еколошки предизвици. Меѓусебно поврзаната и зависна природа на националните, европските и глобалните работи, постави, посебно кај помалите држави, нови предизвици во донесување на политики и одлуки, стратешкото предвидување и антиципирање во владеењето нужно потребни за соочување со иднината.