Oчигледното непочитување на негативните ефекти што произлегуваат од Преспанската спогодба за македонското општество укажува на тоа дека Западот (особено САД) е подготвен да жртвува еден неважен пион за поголем геополитички интерес, дури и ако тоа значи распаѓање на државата и обновување на регионалниот пресвртпотенцира претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, Љупчо Коцарев, во интервјуто со Љупчо Цветановски во емисијата „Што не е јасно“, осврнувајќи се на Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија.
Цветановски: Што мислите за Преспанската спогодба и Договорот со Бугарија, најавивте научна анализа на овие договори?
Академик Коцарев: Веќе реков, во 2021 година, неопходно е МАНУ, по втор пат, да организира научна расправа за Спогодбата од Преспа 2018, на која научно и аргументирано ќе се зборува за нејзиното значење и импликациите врз иднината на Македонија.
Кои се моите ставови во врска со Преспанската спогодба? Значењето на Преспанската спогодба, според некои автори, има повеќе димензии. Прво, Преспанската спогодба значеше дека САД се враќа во Балканот (нешто што беше занемарено во претходните години). Со оглед на тоа што Русија го презеде водството на Блискиот исток, а кинеската економија продираше во многу области, Балканот повторно стана важен за надворешната политика на САД. Покажувањето на агресивна дипломатија кон Русија и Кина можеби беше примарната цел, но тоа на Балканот произведе ефекти, без оглед дали биле намерни или не, врз политиката на проширување на ЕУ. Второ, „решението“ за спорот за името беше мотивирано од геополитичка „итност“, т.е. од потребата за зацврстување на НАТО на Балканот во контекст на можната нова студена војна. Трето, иако сам по себе е релативно тривијален спор (ако се разбере во тесна смисла како обична промена на името), неговата „резолуција“ требаше да послужи како увертира за решавање на многу поважно геополитичко прашање – односот Белград / Приштина. Наградата на Република Македонија за „жртвата“ на нејзиното име може да се смета за охрабрување за Србија да го следи примерот. Четврто, очигледното непочитување на негативните ефекти што произлегуваат од Преспанската спогодба за македонското општество укажува на тоа дека Западот (особено САД) е подготвен да жртвува еден неважен пион за поголем геополитички интерес, дури и ако тоа значи распаѓање на државата и обновување на регионалниот пресврт.
Колку сме близу до распаѓање на македонската држава? Признавањето дека македонскиот јазик (и со тоа и македонскиот идентитет) постои само од 1945, во спротивност на сите научни увиди и факти на целокупната славистичка наука, всушност значи, по определен временски период, и распаѓање на државата. Се надевам дека тоа нема да се случи никогаш. Во тоа светло, бришењето на предметот историја од основното образование, има друг контекст. Дали реакцијата на МАНУ и другите институции во земјата воопшто ќе вродат со некаков плод? Не сум сигурен, но да видиме.
На крај, ќе го парафразирам Броновски (Jacob Bronowski) кој што во книгата Потеклото на знаењето и имагинацијата (од 1978 година) вели: „Верувам дека светот е целосно поврзан: нема настани било каде во универзумот кои не се поврзани со секој друг настан во универзумот“. Тоа важи и за настаните во Македонија во изминатата 2020 година. Изјавите и интервјуата на некои политичари во текот на 2020, инцијативата на МОН за реформи во основното образование, и првото читање на Предлог законот за изменување на Законот за МАНУ, што е закажано за 28 декември 2020, се неповрзани настани. Јас не верувам во тоа, а вие?