Создаваме модерна, стручна, ефикасна, но и задоволна полиција која ќе биде блиска до граѓаните, а обезбедувајќи подобри услови за работа добиваме поголема безбедност за граѓаните, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, при посететата на Крива Паланка, по повод официјална промоција на реконструираниот објект на Одделението за внатрешни работи во оваа општина.
Како што рече, за тоа говорат намалениот број сообраќајни незгоди, големите заплени на дрога, оружје и пиротехника, како и многу други резултати на полицијата во изминатиот период.
– Невозможно е да зборуваме за системска реформа во МВР без притоа меѓу приоритетите да бидат интегритетот, опременоста, статусот и осовременувањето на работата на полициските службеници. Затоа и како министерство се посветивме на целосна реализација на планираните активности во тој домен. Во овој мој мандат, во изминатите четири месеци, беше завршена реконструкција на полициското одделение во Жеровјане, ОВР Кавадарци, ОВР Крива Паланка, а во тек е реконструкција на Одделението за внатрешни работи во Гевгелија, што ќе заврши за неколку дена, а и во Регионалниот центар југ се завршени градежните работи каде е преместено одделението за управни работи Кавадарци и се работи и на ПС Бит Пазар, рече Спасовски.
Неодамна, посочи, промовирана е и набавката на пет пловни полициски објекти за зголемување на ефикасноста на езерската полиција и тие набавки се по повеќе од 30 години.
Спасовски посочи дека се врши и набавка на униформи и опрема за полициските службеници, а веќе е исплатена бонус-платата за 2017 година, а годинава ќе биде исплатен бонус плата за 2018 и 2020 година.