Нов, 39-ти стрип-албум за Астерикс треба да излезе на 21 октомври годинава. Ова за неделникот „Журнал ди Диманш“ го најави писателот Жан-Ив Фери, кој е еден од „татковците“ на бестрашниот Гал, заедно со карикатуристот Дидие Конрад.
Тоа ќе биде ново продолжение на приказната, но како што велат уметниците, приказната нема да е инспирирана од моментните случувања околу Ковид-19.
– Секој албум е мал чекор кон нешто ново. И Обеликс го продолжува својот бавен психолошки развој… Беше примамливо да се зборува за коронавирусот кој влијае на целиот свет, но јас го оставив тоа настрана. Епидемијата е тажна тема, полна вознемиреност. Подобро е да се смееме на други работи и да се надеваме дека додека да излезе стрипот, вирусов конечно ќе биде минато, вели Фери. – Сепак, може да најдете алузија во напивка која изгледа како вакцина или некој друг мал знак.
Но, тој додава дека денес се очекува хуморот да биде и политички покоректен.
– Во 60-тите години на минатиот век, (оригиналните автори) Албер Удерцо и Рене Гошини можеа да им се смеат на странците – на Англичаните со нивните големи заби, на Грците со нивните грчки ликови во профил… Денес треба да имате речник на вашата работна маса за да знаете со што имате право да се шегувате, а со што – не, додава тој.
Стрипот „Ќерка на Версенгенторикс“ – 38-от албум беше убедливо најпродаваната книга во Франција во 2019 година, како и на други места во светот.
На прашањето дали разговарал за стрипот со Удерцо, кој почина лани во март, Фери рече дека тој бил запознаен со новата тема. – Тој ја одобри приказната и нè охрабри. Спротивно на она што во јавноста се верува, Албер не беше зад нас за да контролира сè, вели Фери.