Јужнокорејски брод разорувач „Чои Јанг“ денеска вплови во Ормутски Теснец, за да изврши притисок врз Иран за ослободување на вчера задржаниот танкер што пловеше под знаме на Јужна Кореја.
Револуционерната гарда на Иран вчера соопшти дека го задржала јужнокорејскиот танкер „Ханкук Чеми“ и 20 членови на екипажот поради „загадување на Персиски Залив со хемикалии“.
Танкерот е задржан во пристаништето во иранскиот град Бандар Абас.
Јужнокорејските власти уверуваат дека не планираат воена операција за ослободување на екипажот, од кои петмина се од Јужна Кореја, 11 од Мјанмар, и по двајца од Индонезија и од Виетнам.
Сопственикот на „Ханкук Чеми“ изјави дека припадници на Револуционерната гарда на Иран упаднале на танкерот и го принудиле да го смени курсот кон Иран. Додека иранските власти тврдат дека танкерот, кој превезува 7.200 тони етанол бил запрен поради загадување на водите во Персиски Залив и во Ормутски Теснец.
Според непотврдени информации Иран бара седум милиони американски долари за ослободување на танкерот.