Градот Велес во 1862 и во 1863 година само од трговијата со јајца од свилена буба „свртил“ милион и петстотини илјади ’наполеони’! Големи пари се “вртеле“ и на македонските паѓури. Во 1902 година на Прилепскиот панаѓур, на пример, трговците од Битола понудиле стока, односно памучни ќебиња во вредност до 5 000 лири, седларски предмети од 500 – 600 лири, седла и прибор за јавање во вредност од 2 500 – 3 000 турски лири, и телешка кожа и лак од 500-600 турски лири.

Битолчани на овој панаѓур таа година продале и алишта од шајак со златен вез, свилени кожурци, сирова свила и семе, памучни и свилени гајтани, гајтани од срма, ѕвонци, ибрици, прибор за пишување, кожуви од јагнешка кожа, и многу друга стока.

Трговците од Цариград пак продале стотици и стотици аршини свила и свилен конец, кондури, влечки, мастило и прибор за пишување. Статистичките падатоци покажуват дека истата година на овој панаѓур се продале копчиња и ширити од Ѓаковица, Пеќ и Призрен во вредност од 2 500 турски лири, но и пушки, цевки и кремени од Тетово и Гостивар за околу 1 500 турски лири. Вредноста на стоката што се продавала се движела од 20 до 3 000 турски лири. Само од Крушево таа година биле продадени потковици и клинци за 500 турски лири, волнени чорапи за 3 000 турски лири, јамболии и килими за 1 200 лири. Мариовци, пак, истата таа година на панаѓирот во Прилеп продале вапцани, плетени шалови за 200 турски лири!

Во дваесетте дена, колку што траел Прилепскиот панаѓур во 1902 година, англиските трговци продале стока во вредност од околу 86.000 турски лири, нивните колеги од Австро-Унгарија спечалиле 51.000 турски лири, француските трговци заработиле 32.000 турски лири, додека трговците од Швајцарија и од неколку други европски земји заедно собрале 17.000 турски лири!

Според обемот на заработката трговците од Англија се доближиле, да речеме, до износот на штетата од опожарените куќи во Крушево за време на Илинденското востание. Штетата на уништените куќи во 1903 година била околу 80.000 турски лири, или приближно исто колку што изнесувала  заработувачката на англиските трговци на Прилепскиот панаѓур во 1902 година! Се разбира, парите во двата случаи ги давале Македонците.  Грошот како ситна монета воопшто и не се помнува! Еден грош бил рамен на  40 пари, а една лира вредела 4000 пари!

Калфа во абаџиски дуќан заработувал од 8 до 10 гроша дневно!

Според запис од 1830 година за еден коњски товар од Солун до Белград, на пример, се  плаќало 51 грош а од Белград до Битола – 50 гроша! Стоката од Солун до Скопје се пренесувала за околу 47 часа, од Скопје до Битола за 28 часа, а од Костур до Охрид се патувало 24 часа. Висината на киријата зависела од повеќе чинители, односно од понудата и побарувачката, од временските услови, теренот низ кој минувал патот но и од безбедносните состојби на патиштата по кои треба да помине карванот.

Во четириесеттите години на 19 век тетовските трговци само во Скадар извезле стока во вредност од 420.000 гроша! Во спомените, пак, на Андон Ќосето за времето околу 1893 година е забележано дека минаималната цена на ќумурот за ’товар магарешки’ била 15 а за ’товар коњски’ – 20 гроша.

Кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, кога, на пример, за вечнаја памјат, односно за возобновување на  црквата „Свети Ѓорѓи“ во Струга ’Атанас Маджаров од Охрид дал 68 гроша’, а ’Фанија Крстанова 50 гроша’, обичен калфа во тетовски абаџиски дуќан, во кој се  шиела облека од груба волнена ткаенина, заработувал од 8 до 10 гроша дневно!

Според податоците за 1912 година, пак, берберите годишно заработувале по околу 1.000 тогашни српски динари, двеста помалку од јорганџиите, а во тоа време за 100 динари можеле да се купат осум волови! Еден јорганџиски калфа, на пример, заработувал  36 динари месечно, плус појадок и ручек. Кројачите биле далеку поплатени: мајсторите  годишно заработувале до 2000 динари, а калфите до 400 динари, плус појадок и ручек! Според тоа, кројачки калфа можел да  заработи и до 32 вола годишно!

За два гроша во средината на 19 век с екупва еден леб, а јагне чинло 60 гроша.