Екс шефот на УБК, Сашо Мијалков негира дека го наредил прислушувањето и уништувањето на два системи за следење на комуникацијата. Мијалков рече дека на сите одржани седници во овие 3 години за Таргет – Тврдина, никогаш ниту со материјални ниту вербални докази, обвинителството не потврдило такво нешто.
„И тоа не е точно, јас не сум имал можност и привилегија да давам такви наредби. Никогаш никому, ни писмено но усно, сум дал наредба да изврши какво било дејствие во насока на следење на комуникации. Во текот на постапката исто така видовме дека нема ниту еден доказ за такво нешто. Еден датум, за конкретна личност или телефонски број, прислушуван со моја наредба, не видовме на ова судење“, истакна Сашо Мијалков на денешното рочиште.
Во своето сведочење, Мијалков спомна и дека во земјава имало и други системи за прислушување, објаснувајќи дека во 2014 една израелска компанија во неговата канцеларија во МВР презентирала опрема за прислушување која кога ја приклучиле било утврдено дека во Македонија се прислушува и надвор од УБК.
– Во 2014 година, израелска компанија презентираше опрема во мојата канцеларија. Со оглед на тоа што таа опрема има и таква компонента, ни потврдија дека во истиот тој момент работат други три системи за кои мислеа дека се тактичка опрема на УБК и дека со тоа сакавме да провериме дали нивната опрема ќе ги детектира. За жал, тоа не беа системи на УБК. Преку овој настан сакам да го потврдам дека моите сознанија се дека е можно преку опрема која не е на МВР да била следена комуникацијата“, рече Мијалков.
Освен за прислушувањето, Мијалков се товари и за уништувањето на опрема за прислушување, со што биле уништени и докази. Тој рече дека ако навистина се следело незаконски, уништувањето на еден од системите немало да им помогне да не се откријат доказите. Вели дека системот кој бил уништен не бил во целосна функционалност, а Комисијата ги уништила врз основа на стручни анализи. Тој се согласи со обвинителката Ленче Ристоска, дека доколку имало пропусти во работата на УБК, директорот има одговорност. Но, во конкретниот случај тој вината ја гледа во несовесното работење, а не за делата за кои е обвинет, а тоа се злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластувања и за примање награда за противзаконито влијание.