Бранка Станковска, радио и тв презентерка почина денеска во Скопје, на 90 годишна возраст.
Таа е родена во Скопје на 30 април 1931 година. Позната како врвен радио и тв спикер и водител. Целиот работен век го поминала во Македонската радиотелевизија. Нејзината најава на првиот телевизиски пренос од Црн Врв на 5 јуни 1964 е почеток на програмата на ТВ Скопје, и е емитувана преку сопствената телевизиска мрежа.
На 14 декември истата година, Станковска ги читаше вестите на првиот телевизиски Весник, што го означи почетокот на емитувањето на редовната програма на Македонската телевизија.
„Тивко во сон си замина мојата баба Бранка Станковска. Дочека да биде и чукунбаба, имаше убав живот, изгледа внуци, правнуци и праправнука. Имам прекрасни спомени од неа, можеби затоа што бев прва внука па бев привилегирана од мала да поминувам повеќе време со неа. За работата што да напишам, беше вистински професионалец дури и по нејзиното пензионирање беше активна и сеуште може да се слушне нејзиниот глас на радио програмите. ТОЧНО Е 12.00 часот. Почивај во мир бабо и после многу години ќе се сретнеш со својата единствена и голема љубов, дедо Бошко!” , објави на ФБ нејзината внука Ирина Костовска.