Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, на конференцијата „Улогата на медиумите и граѓанските организации во процесот на интеграции“ изјави дека за потпишување на договорот на Македонија со Фронтекс постои очигледен интерес и во самата Европска Унија ова прашање да се регулира.
Димитров додаде дека мигрантската криза 2015 и 2016 година, балканската рута и специфичната територија, ја прави македонската граница важна за ова прашање.
-Договорот не е потпишан. Ние бевме меѓу првите земји што ги затвори суштински и содржински преговорите во однос на правата, обврските, одговорностите од Фронтекс. Главното и последно прашање е ова што сега се јави со овој сегашен предизвик, односно македонскиот јазик, тоа што Бугарија има резерва во однос на формулацијата македонски јазик – изјави Димитров.
Димитров посочи дека од друга страна, нашата позиција е оти овој договор како и договорите со сите други држави, што го имаат потпишано на српски, на црногорски јазик…, треба да биде потпишан и на македонски јазик.
МИА во декември минатата година, побара одговор од Европската комисија до каде е потпишувањето на договорот за Фронтекс помеѓу Македонија и ЕУ, при што одговорот беше проблемот е употребата на „македонски јазик“, јави тогаш дописничката на МИА од Брисел.
Европската Унија е во процес на потпишување на договор со земјите од Западен Балкан за Фронтекс, односно за интегрирано гранично управување, една од стратешките точки во борбата против „нелегалната миграција“ на ЕУ, бидејќи земјите од регионот се наоѓаат на клучната „балканска рута“.
Во последните две години, ЕУ ваков договор потпиша со Албанија, Црна Гора и Србија.
Со Македонија договорот за Фронтекс е инициран во јули 2018, но до денешен ден останува непотпишан само поради Бугарија.
Референцата „македонски јазик“ е единствената пречка што преостанува за потпишување на договорот, за други детали обратете се директно кај националните власти – стои во писмениот одговор од Европската Комисија до МИА.