Павел ШАТЕВ, во 1923 година по повод 20 години од Солунските атентати
„Нарушуваме еден завет на великите македонски покојници во Солун и Сахара. Тие се беа заколнале да не оставаат свои портрети, затоа што сакаа да бидат служители на идејата, но не и на славата. Таму, во рушевините на македонската столица Солун, Гемиџиите сакаа да го збришат и своето месо и своите имиња, оставајќи го да живее над нивните останки суштествениот македонски дух за слобода и благосостојба и копнежите за светли дни.
Но, историјата не памети завети… Од моментот кога Орце го запали фитиљот, којшто требаше во лицето на Отоманската банка да го фрли во воздух европскиот капитал, што ги красеше градите на деспотот Хамид – од тој момент имињата на тие скромни безумници се понесоа како симбол на македонскиот хероизам, на македонската посветеност, одекнаа во сите потајни катчиња на македонската душа, за да по 20 години станат првите светци на македонската револуција…
Не само зашто македонскиот идеал, во лицето на солунските атентатори, беше достигнал врвна кулминација, каква што ретко, дури и никако не се сретнува во историјата, но и затоа што на 28 април 1903 година во македонската столица Солун се бореа два револуциони система: оној на рускиот анархизам, зачнат на македонска почва, којшто имаше за цел да го помати и разруши европскиот капитализам и Хамидовиот деспотизам, и оној – на Левски, кој по принцип дејствуваше низ бавна револуциона подготовка на народните маси.
Првата група е олицетворена во солунските атентати, а втората – во Илинденското востание. И тешко ќе биде за историчарите да определи кое од двете собитија било позначајно, кој од тие два система бил повеличенствен – дали примерот на личната бестрашност, или пак систематската подготовка на масите за револуцијата.
И ако последното донесе едно самосознание на македонските маси, кое што веќе ја твори и втората песна на македонската епопеја, првото е оној стимул, којшто го создава македонскиот идол на револуцијата, на кого што веќе му се восхитуваат вековите… Така, солунските атентатори се највишата пројава на човечкиот индивидуализам, којшто ја крои судбината, но и цврстината на наредните поколенија.
А делото коешто дошло веќе до таа кулминациона точка не може да умре… Зашто, затрупано во рушевините на Банк отоман, тоа воскресна од саможртвата на Орцето во темната солунска ноќ на 29 април 1903 година; тоа светна со неугасливиот оган на Македонија; набиено во месото на Мечето, тоа го надмина и го носи својот одек во духот на поколенијата.
По 500-годишни понижувања и скрб, на 28, 29 и 30 април 1903 г., кога Орцето го палеше верижниот фитиљ против европските интереси, кога Кирков и Трчков ја гаснеја светлината на градот Солун, за да блесне факелот на идејата, кога пред Карабурун гореше параходот ’Гвадалкивир’, којшто ја изнесуваше ограбената пот на поробениот македонски селанец, кога одекнуваа бомбите на македонските безумници, за избезумување на европските умници – за прв пат македонската пробудена свест го играше својот кошмарен танц над безумниот деспотизам и неговите поддржувачи.
Тоа беше делото на 12-те, коешто денес по 20 години, нè тера восхитено да се обѕрнеме назад. Не звучи ли таа смелост на подвигот, таа моќност на индивидуалитетот, како легенда, којашто е неверојатна, но примамлива, волшебна?”
Заклучок
„Животот е борба, којашто има смисла единствено кога непрекинато се развива и увеличува. Целта на животот, а следователно и смислата на борбата не е ниту во среќата ниту во успехот, а ниту во богатството или во славата. Не, животот на човекот е како едно дејствие, коешто непрекинато се развива и притоа произведува нови дејствија, коишто сè повеќе и повеќе растат и се развиваат. Среќата и успехот и животот се поскоро второстепени резултати. Секоја човечка дејност има смисла и цел, кога произведува друга, посилна и поактивна дејност.
Прагматизмот во животот на човекот се разликува од утилитаризмот по тоа што принципот за ползата се заменува со непрекинатото дејствување на индивидуата. Непрекинатото дејствување на човекот во животот се единствените средства, коишто го осигуруваат и гарантираат постепеното развитие на индивидуата и општеството. Кога сме во непрекината дејност, акција или труд, резултатите, потврдувачки или одрекувачки, секогаш можат да ни дадат поука и напатствија како поправилно да се стремиме кон постигањето на нашиот идеал во животот.
Еден човек, каде и да е, секогаш може да се поучи од сè во животот, доволно е само да посака и да е заинтересиран. Секој национален деец, каков и да е, при какви услови и да е поставен, ако општиот интерес секаде и секогаш го поставува над личниот и се воодушевува од идеалот, секаде и секогаш со сè во животот може да е полезен за својот народ. Секој револуционер конспиратор, и покрај сите незгоди, случајности, непријатности, пречки, може да успее само при еден-единствен услов, ако секогаш и насекаде, по каков и да било повод, случај или собитие, е подготвен да стави крај на својот живот, да умре без да се плаши од смртта, којашто не се знае кога и како ќе дојде.
Не се револверите, пушките, бомбите или огнените машини, тие кои даваат сила во борбата, туку напротив – само идејните побуди, личниот пример, решителноста, смелоста и бестрашноста на револуционерот се оние што на крајот секоја замисла и, секоја борба ја венчава со успех – било по планини и полиња, било по села и градови.
Тоа може да се постигне само кога се има полна свест дека општото добро треба да биде пред сè и над сè наша водилка при нашето беспоштедно служење на татковината.“
Извори:
1. Извадоk од мемоарсkиот труд на Павел Шатев, „Вo Makeдoниja под ропство”, (трето издание, на Отеч. фронт, Софија, 1983 г.)
2. в. „Илинден”, бр. 17, Софија, 29. IV. 1923 г.