Замислете, уште еден скандал со огромна сума на пари потрошени во корона пандемија, кој што јасно го отсликува лудилото на власта, рече на прес-конференција портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Имено, власта за само 2 години дала преку тендери над 300.000 евра на поранешен пратеник од нивен коалиционен партнер, а се работи за фирмите Имиџ ПР и Идеа плус, фирми кои се занимаваат со ПР и маркетинг, а се на една иста личност, односно поранешна пратеничка од редовите на ЛДП. Сулудо е да се даде над 300.000 евра за маркетинг и ПР за само 2 години, од кои огромен дел од парите се дадени само во 2020 година за организирање настани, внимавајте во година кога имаме корона пандемија и има забрана за организирање и групирање на било какви настани. Очигледно на СДСМ и на власта најлесно им е да се испумпува пари преку маркетинг и ПР услуги, а само од тендерите на овие 2 фирми и тендерите на советникот од СДСМ од Град Скопје Бојан Ивановиќ Бригада Дизајн кој доби од фондот за иновации над половина милион евра одат на конто на овие фирми и никој не знае потоа дали и каде завршуваат. Власта на учениците не може да им набави лап топи и таблети, но затоа фирмите блиски до СДСМ на свое конто товараат народски кажано милиони евра, истакна Арсовски.
Ова е начинот на работа на СДСМ, а за сите вакви сомнителни тендери верувајте еден ден ќе следи ревизија и чешлање, бидејќи се работи за пари на граѓаните, граѓани кои што тонат во сиромаштија заради луксузот и грабежот на власта, додаде тој.