На територија на град Скопје вчера биле изречени вкупно 257 мерки, во рамки на засилените акциски контроли во областа на сообраќајот. Од нив, 34 се за возење без возачка дозвола, а 23 за непочитување на брзината на движење.
Како што соопшти МВР, вкупно 20 санкции се за управување под дејство на алкохол. Осум мерки се изречени за нерегистрирани и технички неисправни возила, и осум за поминување на затворен семафор, црвено светло.
Изречени се 18 мерки за користење на мобилен телефон, 4 за некористење на сигурносен појас, 57 за непрописно паркирање и 4 санкции за прекршоци што ги чинат пешаците.
-Засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот, се наведува во соопштението на МВР.