По Швајцарија и Јужноафриканската Република ја прекина примената на вакцината АстраЗенека против Ковид-19, која со КОВАКС системот до лето е предвидено да ја добие и Македонија.
Јужноафриканската Република привремено ги прекина плановите на здравствените работници од првите редови во борбата против коронавирусот да им дава од вакцината изработена од Универзитетот во Оксфорд и компанијата „АстраЗенека“.
Земјата одлучи ова да го направи откако клиничките испитувања покажаа дека вакцината на „АстаЗенека“ не е ефикасна во спречување на лесните до умерени инфекции на јужноафриканскиот вид на коронавирусот.
-Вакцината на „АстраЗенека“ делива ефикасно само против оригиналниот сој, но не и против оваа варијанта, рече министерот за здравство Звели Мехизе.
Американските медиуми потсетуваат дека Република Јужна Африка минатата недела ги доби првите милион дози од оваа вакцина, а вакцинацијата на здравствените работници се очекуваше да почне кон средината на февруари.
Прелиминарните податоци за вакцината „Ковидшилд“, развиена од Универзитетот во Оксфорд и фармацевтската компанија „АстраЗенека“, сепак, покажаа дека таа обезбедува ограничена заштита од послабата форма на јужноафриканскиот сој на коронавирусот.
Би-Би-Си пренесува дека шведската фармацевтска компанија се уште не утврдила дали вакцината штити од појаката форма на Ковид-19, предизвикана од позаразниот јужноафрикански сој на вирусот.
Минатата недела и Швајцарија се откажа од оваа вакцина и побара дополнително да се испитаат нејзините ефекти. Оваа вакцина според КОВАКС системот е предвидено да ја добие и Македонија до лето, а тоа од лани беше најавувано од премиерот Зоран Заев и министерот Венко Филипче.
СЗО: Денеска дебата за вакцината АстраЗенека
За вакцината на Универзитетот Оксфорд и шведската компанија „АстраЗенека“ ќе се расправа на денешната панел дебата што ја најави Светската здравствена организација (СЗО), откако употреба на ова авакцина е забранета во Јужна Африка, поради сомневањата дека не е ефикасна за лицата над 65 години.
Француските медиуми наведуваат дека истражувањето покажало дека оваа вакцина обезбедува „минимална“ заштита од инфекцијата со новиот сој на коронавирусот што првпат беше откриен во Јужна Африка, забавувајќи ја глобалната борба против пандемијата.
СЗО додава дека овој проблем многу посиромашните земји ги оддалечи од вакцинирањето со препаратот на „АстраЗенека“, што има логистичка предност во однос на конкуренцијата бидејќи не мора да се чува на многу ниска температура.
Јужна Африка набави 1,5 милиона вакцини од „АстраЗенека“, на кои рокот им истекува во април, но ќе бидат зачувани се додека научно не се утврди како точно делува препаратот.
Портпаролот на шведската компанија изјави дека нивниот истражувачки тим напорно работи на корекцијата на вакцината, за таа да биде ефикасна против новиот јужноафикански сој на коронавирусот.