Холандската Влада одлучи да ги прекине сите посвојувања на деца од странство. Причина за ваквата одлука е официјална истрага која откри дека голем број деца биле посвоени незаконски.
Истрагата се фокусира на посвојување деца од Бангладеш, Бразил, Колумбија, Индонезија и Шри Ланка во периодот од 1967 до 1998 година.
Холандскиот министер за човекови права, Сандер Декер, изјави дека Владата не интервенирала со години, односно дека службениците биле свесни дека нешто неправилно се случува, но многумина биле лично вклучени во посвојувањата.
Истрагата утврдила дека децата од тие земји главно биле купувани или крадени од нивните биолошки родители и оти истрагата немало да се случи доколку голем број на посвоени деца не поднеле барања да ги испитаат своите корени и да најдат вистинските родители.
При истрагата било утврдено дека документите на децата биле или изгубени или фалсификувани и дека нивното посвојување било незаконско.
Во последните 50 години, холандски родители посвоиле околу 40.000 деца од 80 земји, а таа практика се намали претходните години, така што во 2019 година, од странство биле посвоени 145 деца.