Времето во Македонија ќе биде облачно со врнежи од дожд, на места врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 20 л/м2), проследени со силен ветер (над 70 км/час). На планините на северозапад врнежите ќе бидат од снег.
Попладне врнежите ќе преминуваат во снег и на некои повисоки места. Утре претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а во попладневните часови ветерот ќе го промени правецот во северен и дополнително ќе засилува. Во текот на ноќта особено вдолж Повардарието ќе дува силен северен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 8, а максималната ќе достигне од 8 до 15 степени.
Во Скопје, облачно со врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Поради продор на многу студена воздушна маса од север утре попладне ќе почне да дува засилен северен ветер, кој ќе се задржи и во следните денови и ќе услови значително заладување. Во петок времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност, ветровито и студено. Во деновите од викендот ќе биде многу студено со врнежи од снег. На планините ќе се зголеми снежната покривка. Утринските температури на места ќе се спуштат и до минус 12 степени, а и дневните на повеќе места ќе се задржат под нулата.